Народот 12 – те дена од Божик до Богојавление ги нарекува: “миросани”, нечисти, “некрстени”, “леунски води”, “лунки води” и сл. Се мисли дека во тие денови голема активност развиваат демонските и нечисти суштества, кои „доаѓаат“ од светот на мртвите, но не за лошо, иако тие самите се по карактер души и демони на мртвите. Во некрстени денови не се ткае, не се работи ништо со волна „зарадии волците да не ја колат стоката“ и тука се гледа поврзаноста со култот на волкот, кој бил мошне застапен во „волчјите празници“.
Во Христијанството се вели дека „Христос во тоа време не бил крстен, па ѓаволите се мачеле да го излажат да не се крсти и да не ја исполни волјата Господова“.
Се верувало дека тие денови, целиот животински и растителен свет е насочен против човекот. Во тој период владеат зли духови, затоа што е тоа време на оскудица (некогаш поврзано и со глад, ако жетвата не била добра). Тие денови не треба ноќно време никаде да се оди, а најповеќе “уд вечери па ду први петли”. Не чини да се отвораат ноќно време прозорците, ниту пак да се прими некој патник да преноќева в’куќи.
Ги нарекуваат и “пугани дни” (погани дни), затоа што постоело табу за изговарање на името на ѓаволот и на демоните, затоа што „по име можеш да ги повикаш“ и заради тоа сите заедно се нарекувале „погани“ („поган“ е животно, во постарите записи), „нечестиви“, „несвети“, „натемаго“ (доаѓа од „анатема“, што е „проколнување“ и црковно забранување, клетва, проколнување, кое истовремено означува изопштување од црквата).
За дете, што ќе се роди во овој период, се верува дека има во себе „Божја жица“, или „Јуванова жива“ (Јованова), но во текот на поганите дни ниту се крштева, ниту се венчава.
Народот верува, дека во тие денови земјата ги претвора умрените во вампири. Ако некој умре во овие денови, мора “да се чини вампирин”. За да не настане вампирин, во постарите времиња се вжештува железно вретено, кое што, на едниот крај, било зашилено и со него се боди умрениот во папукот, а потоа му се ставало на дупчето камче од воденички камен, за да не може да зарасне, бидејќи се верувало дека, за да се повампири мртовецот, претходно мора да се надуе. Но така продупен, не може. Или, кога умре некој, му се става парче од ѓерамитка во устата на коешто испишано е: Ис. Хр. Ни-ка (Исус Христос „Ника“ или „победникот“).
Тие денови ништо не се работи, не се перат алиштата, зашто се верувало дека во спротивно, луѓето ќе добијат лишаи по лицата. Жените на коишто им умреле мали деца, во овој период сучат фитили од памук за црквените кандила, зашто се верува, декана умрените деца, со горењето на фитилот ќе им се простат грешките.
Во штурите претстави на словенската митологија имаме претстава за „навјите денови“, на кои центар е „великата ноќ“ или „коледе“, кога маскирани поворки коледари, кои ги претставуваат нашите предци, ги обиколуваат селата по територијален принцип (не одат во други села, па дури и се тепаат до смрт поворките, кои би се сретнале некаде), а се велело дека нив ги испраќа богот Велес. Тие оделе по куќи и барале дарови. Луѓето верувале дека тие дарови во храна се храна и за нивние мртви, на оној свет (како што и ден – денес веруваме дека храна оставена на гробот е наменета за нашите мртви). Овие коледари, согласно прастарите верувања, кои се запишани одамна, се приказ на мртвите луѓе – чувари на стадата на Велес (или Волос), односно на словенскиот рај (Виреј), кој се наоѓа во корењата на огромен даб, каде е Велес (или Волос) господар и таму владее вечна пролет. По други автори, овие прастари верувања и обичаи се поврзани со други словенски богови, кои одговараат на „Бог – отец“, кој кај Словените бил Сварог , кој е неактивен бог, а во негово име владеат други богови: Световид („вид“ значи „владар“, а кај Словените бил Бог на војната и на судбината, па предвидувањето на времето, коцкањето и гатањето на Бадник и Богојавление може да се поврзе со некогашните верувања во овој Бог),Перун, Велес, Јарило, Црнобог или Злибог (ѓаволот), Дабог (Дајбог, а слични атрибутии има и Световид), но и Сварожиќ, кој е поврзан со култот на огинот (како за Коледе), а ознака му биле и коњот, штитот и животинските рогови. Кај „Западните Словени“, Сварожиќ бил еден од најпочитуваните богови и се смета дека е Бог и на сонцето. Кај нас има остатоци во верување во Перун, Дајбог, Велес и Морена.
Овој период е „опасен“ и нерегулиран, заради тоа што, „тука со нас“ се и нашите предци. На овие периоди редовно, им претходи пост.
Со самото примање на Христијанството, сме го примиле и поимот за „Некрстени денови“, макар што тие и претходно постојат како „опасен период“ и започнувале и завршувале во разни периоди – зависно поднебјето.
За староста на култните елементи за време на крајот на една и почеток на другата година, говори и одвивањето на сечењето на бадникот (словенскиот пантеон е замислен како огромен даб), каде домаќинот му се извинува на дрвото дека го сече, што е јасен траг на анимизам, како и фактот дека церемонијал мајстор и центар на култот е домаќинот, а не специјализирано свештено лице, што укажува на голема старост на овие култни елементи, кои имаат врвно симболичко – естетско значење и веројатно се настанати во многу пресните фази на замена на матрилокалноста со патријархат, посебно заради тоа што се скоро сите култни дејствија од култот на животните, земјата и природата, а со тоа се матријархални.
Нашите предци „доаѓаат“ во периодот на некрстените денови (месеци кога природата е „мртва“), за да помогнат во повторното општо раѓање и доаѓањето на пролетта. Додека се тука, тие можат да бидат на ореови дрва („сеновито дрво“), во пците, волците, добитокот, но доаѓаат и по куќи (секој во својата), за да ја пренесат својата демонска сила на потомството, но и на посевите, природата, стоката. Заради тоа, кога предците „треба да сѝ одат на оној свет“, а тоа е на Василица, ги тепале, бркале и „жежнувале“ пците, со запалениот бадник, па останала мислата „сѝ помина како пците на Василица“.
Старите народи верувале дека овие обичаи се и за пурификација на „грешниците“ (прочистување), пред да влезат во новиот циклус. Навистина, зајакнувањето на пурификационата функција е зајакната со христијанството, кое во најголем дел се состои од константна и обредна самопурификација.
НУ. Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Прилеп
Одделение за социјална и духовна култура
Александар Цветкоски
Кустос – советник
извор: отв.мк