
Од 3 до 6 септември 2026 година, во Тирана, Драч и Корча, ќе се одржи „Македонската културна недела во Албанија“, во организација на Културно информативниот центар на Република Македонија во Тирана, предводен од директорката Ема Попивода.
Оваа година програма е особено богата и обемна и ќе обедини голем број уметници и учесници од Македонија. Во рамките на Културната недела ќе бидат реализирани концерти, изложби, фолклорни настапи, поетски и драмски изведби, ДЈ настапи, промоција на вино и пиво, преку кои ќе бидат претставени македонската култура, уметност и традиција.
Од особено значење за промоцијата и видливоста на нашата земја е тоа што за време на Културната недела на главниот булевар во Тирана ќе бидат поставени македонски знамиња.
На програмата се застапени концерти оркестарот Ајга и ансамблот Кон Темпора под диригентство на маестро Иван Еминовиќ, настап на фолклорното друштво „ЕуроАрт Академија“, концерт со поезија на квартет „Мевлем“, ДЈ сет на DJ Pass-N-G-R и DJ Spiro, промоција на македонски вина и ракија од винариите Бовин и Тиквеш, промоција на македонско пиво, монодрама „Меѓникот“ во изведба на Доне Донев, изложба на фотографии од Преспа на Пали Колефски, настап на фолклорно друштво од Мала Преспа и музчка настап на Кристијан Ѓорѓи.
Културната недела се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам на Република Македонија, Амбасадата на Република Македонија во Албанија и Министерството за туризам, култура и спорт на Република Албанија.
Дополнителната финансиска поддршка од албанското Министерство е обезбедена како резултат на личниот ангажман на директорката на КИЦ Тирана, Ема Попивода, и континуираната соработка со албанските културни институции.
Посебен придонес во подготовката и реализацијата на Културната недела даде амбасадорот Веле Трпевски, додека во организацијата на активностите во Корча особен ангажман имаше Елена Симоновски, Македонка од Албанија.
Поддршка на манифестацијата дадоа и винариите „Тиквеш“ и „Бовин“, чии вина ќе бидат претставени на свеченото отворање.
Во духот на мисијата на Македонскиот културен центар во Тирана , кој има за цел не само да ја промовира македонската култура, туку и да ги поврзува уметниците и да создава можности за нови соработки, оваа Културна недела уште еднаш ќе покаже дека културата е најсилниот мост меѓу народите. Убедени сме дека настаните ќе привлечат многубројна публика и дека, во срцето на Албанија, македонската култура ќе заблеска во сета своја убавина, сила и раскош!
НЕДЕЛА НА МАКЕДОНСКАТА КУЛТУРА ВО АЛБАНИЈА
3 – 6 септември 2026
ПРОГРАМА
3 септември 2026 | ТИРАНА
Концертна сала на Православната црква | 20:00 часот
Одбележување на 35 години независност на Македонија
Свечено отворање на културната недела: Концерт на Камерниот оркестар Кон Темпора и Фолклорниот ансамбл ЕуроАрт
Неделата на македонската култура во Албанија ќе биде свечено отворена со голем концерт во два дела, на кој ќе настапат вкупно 80 изведувачи.
Во првиот дел ќе настапи Камерниот оркестар КонТемпора, еден од реномираните камерни ансамбли од Македонија, кој воедно е дел од Сојузот на композитори на Македонија, со бројни настапи на концертни сцени и фестивали на Балканот и низ Европа. На програмата ќе бидат изведени дела од класичната литература, како и македонски современи автори.
Во вториот дел ќе настапи Фолклорниот ансамбл на Академијата Ауро Арт, составен од играорци, пејачи и музичари на традиционални инструменти. Преку динамични кореографии, автентични народни носии од различни региони и музика во живо, ансамблот ќе го претстави богатството и разновидноста на македонската фолклорна традиција.
4 септември 2026 | ДРАЧ
Црква „Св. Лусија“ | 20:00 часот
Концерт на Камерниот оркестар „Ајга“
Камерниот оркестар „Ајга“ е еден од најистакнатите камерни оркестри во Македонија, препознатлив по својот висок уметнички квалитет и експресивните изведби. Оркестарот настапувал на значајни фестивали и концертни сцени во својата земја, но и во Јапонија, Австрија, Србија соработувајќи со истакнати македонски и меѓународни солисти.
Со оркестарот ќе диригира маестро Иван Еминовиќ, еден од најпознатите диригенти од помладата генерација во Македонија. Дипломирал и магистрирал оркестарско диригирање на Факултетот за музичка уметност во Скопје и е добитник на наградата „Томислав Зографски“ за особени уметнички достигнувања.
Еминовиќ диригирал бројни оперски продукции, симфониски и камерни концерти и редовно соработува со Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, како и со камерни оркестри и фестивали во земјата и регионот, меѓу кои и фестивалот „Охридско лето“.
5 септември 2026 | ТИРАНА
Villa Art Explora | 19:00 часот
„Мевлем“ – концерт на музика и поезија
По концертот: дегустација на македонско пиво и DJ сет
Мевлем – збор што означува лековит балсам, е уникатен уметнички проект на македонскиот композитор и поет Марко Виденовиќ, кој ги обединува авторската камерна музика и поезијата во интимен дијалог меѓу звукот и зборот.
Преку новокомпонирани дела и поетски рецитации, проектот ја отсликува духовната длабочина и културниот идентитет на Македонија, создавајќи емотивно и непосредно уметничко доживување.
Во ансамблот настапуваат Памела Велкова – виолина, Верица Ајтовска – виола, Енис Алји – виолончело и Марко Виденовиќ – пијано и глас.
По концертот, во дворот на Villa Art Explora ќе следува забава со дегустација на пиво и ДЈ сет на DJ Pass-N-G-R и DJ Spiro.
6 септември 2026 | КОРЧА
Стара чаршија
„Духот на Македонија во Корча“
Завршниот настан на Неделата на македонската култура во Албанија ќе претстави разновидна програма преку која македонското културно наследство ќе биде претставено преку фотографија, театар, фолклор и музика.
Програмата опфаќа:
- Изложба на фотографии „Убавините на Преспа“ од Пали Колефски, која преку авторски фотографии ги претставува природните убавини, спокојството и културното значење на Преспанскиот регион.
- Монодрамата „Меѓникот“ во изведба на Доне Донев, посветена на Крсте Петков Мисирков. Преку емотивна драмска изведба се оживуваат идеите, борбата и наследството на една од најзначајните личности во македонската историја, по повод 100-годишнината од неговата смрт.
- Настап на фолклорни ансамбли, кои преку автентични народни ора, традиционална музика во живо и носии од различни региони ќе го претстават богатството и разновидноста на македонскиот фолклор.
- Музички настап на Кристијан Ѓорѓи, со избор од познати современи и фолк песни, со што Неделата на македонската култура во Албанија ќе биде заокружена во празнична атмосфера.

Македонски


