
Без разлика каде бев, не постои чувство што ќе ми го замени овој настан пред домашната публика, ова е мојата најголема гордост, кажа синоќа (четврти јануари) режисерката Тамара Котевска на свечената македонска премиера на документарниот филм „Прикзната за Силјан“ која се одржа во Македонскиот народен театар (МНТ).

Овој филм настана без идеја да стигне толку далеку и настана за нашата публика. Мило ми е што го виде светот, но повеќе од сè ценам што го видовте денес сите вие и што допрва ќе го гледа цела Македонија. Планираме да има премиери, проекции низ цела Македонија во секој град, бидејќи сметам дека луѓето од помалите места посебно заслужуваат да го видат овој филм. Луѓето како Никола и неговата фамилија ни даваат смисла на животот и зошто правам приказни за нив. Сметам дека приказните, особено од подлабоките места во Македонија, од поскриените места, ми се особено драги да ги испопуларизирам. Тие се суштината на нашата култура и на нашиот свет, кажа Котевска по проекцијата на филмот, кој беше поздравен со бурен аплауз и стоечки овации, посебно кога на сцената излегоа Никола Цонев, главниот протагонист во филмот и неговото семејство: Јана Цонева, Александар Цонев, Александра Цонева и нивната ќерка Илина од кочанското село Чишиново.

Котевска во говорот се заблагодари на целата екипа која го работеше „Силјан“ и кажа дека вакви луѓе заслужуваат сè.

Особено сум горда на оваа екипа којашто се бореше од почеток до крај без никакви финансии голем дел од времето. Вакви луѓе стварно заслужуваат буквално сè. Сакам да пратам и поздрав до кинематограферот Жан Дакар којшто мораше да лета за Америка моментално на Cinema Awards. И за крај, посакувам некои работи коишто ги видовте во филмов да се сменат засекогаш, но исто така посакувам некои други да не се сменат никогаш, кажа Котевска.
„Силјан“ е филм за иселувањето во источна Македонија, снимен во Овчеполието. Инспириран од народната приказна за момчето Силјан, кое по кавга со татко му се претвора во штрк и заминува од дома, филмот е приказна за односот на еден земјоделец со бел штрк. Филмот е 90 отсто снимен во Македонија (Чешиново, Гевгелија, Стојаково,…).

„Силјан“ е копродукција со американската компаија „Конкордија“ и британската „Корнершоп“. Во продуцискиот тим е и Жан Дакар, кој е кинематографер, Јорданчо Пековски и монтажерот е Мартин Иванов.

„Приказната за Силјан“ беше македонски кандидат за наградата Оскар, но за жал не влезе во потесниот избор ниту во категоријата за Најдобар странски филм, каде беше македонски кандидат, ниту за Најдобар документарец.

„Силјан“ беше откупен од „Нешнл џиографик документари филмс“ (National Geographic Documentary Films), еден од најреномираните светски дистрибутери на документарци, што за Котевска беше апсолутно најголемо животно достигнување, како што рече таа.
Една од причините зошто сум документарист е токму поради „Нешнл џиографик“, рече во септември Котевска, кога беше објавена веста.
Филмот од 15 јануари ќе се прикажува во скопското кино Синеплекс, а потоа и низ Македонија.

Македонски






