Skip to main content

Најнова премиера во Битолски театар „Црно семе“

Битолски театар

Во Битолскиот театар се одржа прес конференција посветена на најновата премиера „Црно семе“, работена според романот на Ташко Георгиевски во режија на Андреј Цветановски. Ова е прв проект за оваа година поддржан од Министерството за култура и туризам.

„Станува збор за еден од култните романи на Ташко Георгиевски. Вчера 13.04 се навршија 13 години од неговата смрт, а оваа година исто така е јубилејна, се одбележуваат 90 години од неговото раѓање. Неговото семејство ни ги отстапи авторските права и беа среќни што некој се сетил да го постави на сцена неговиот текст од „Црно семе“. Претставата е посветена на нашите Македонци од Егејскиот дел на Македонија, на нивните страдања, упорност, издржливост, попустливост, на нивната борба за слобода, да зборуваат на својот мајчин јазик и борбата да го зачуваат својот национален идентитет“, истакна на почетокот директорот Васко Мавровски.

Ова е трета премиера на режисерот Андреј Цветановски во Битолскиот театар.

„Долго време барав место каде би можел да го поставам овој текст и среќен сум што е тоа овој театар, затоа што истиот за мене има големо значење и од семејна страна, мојот татко работеше тука често и се чувствувам како дома. За секој режисер најважно е да најде истомисленици, како што јас најдов тука. Судбината на помалите народи е тешка затоа што нивните приказни не се раскажуваат. Оваа претстава е да се издржи, да останеш свој и покрај сите притисоци“.

Романот Црно Семе е еден од антологиските романи кои зборуваат за Македонецот и неговата судбина. Со претставата режисерот се обидува да ја потсети публиката која ќе ја погледне премиерата,  на една голема голгота на македонците од Егејска Македонија после втората светска војна и нивните трагични судбини. Таа нивна приказна треба да биде запишана во нашиот генетски код како народ бидејќи е потребно приказната да остане жива.

„Приказната за издржувањето и приказната за останување свој. Бидејќи ако ние не ги раскажуваме нашите приказни, никој друг нема. Затоа да се сеќаваме на Доне, Христо, Парис, Марко, Нико, Димо, Ѓорѓи, Јане, Ангелина и нивните имиња“, додава Цветановски.

Во претставата играат: Мартин Мирчевски, Огнен Дранговски, Васко Мавровски, Никола Стефанов, Никола Пројчевски, Петар Горко, Борче Ѓаковски, Александар Стефановски, Александар Димитровски, Александар Копања, Марија Цветановска, Петар Спировски, Живко Борисовски, Хари Михајловски.

Андреј е еден од ретките режисери кои си ја познаваат својата работа, ја остава душата на сцена. Знае да работи со актери и да направи тим од екипата. Во претставата го играм еден од најодвратните ликови, контрапунктот на нашите кутри Македонци кои страдаат“, истакнува актерот Горко.

Актерот Дранговски додава:

Иако претставата се занимава со едно колективно страдање кое станува трансгенерациско, поминале многу генерации од тогаш, ние сеуште страдаме заради тоа, сепак секое страдање си има своја приказна. Направивме во оваа претстава секое страдање да е единствено, секој човек страда на свој начин. Оваа претстава носи и порака за надеж, љубов, единствено така можеме да им се спротиставиме на злите сили околу нас“.

„Јас се соочувам постојано со социјалните мрежи, ги следам и здруженијата од Егејска Македонија и ме фасцинира тоа што гледам група од млади луѓе, кога пеат ги знаат македонските песни и ме воодушевува тоа. Сега ова не е време на молчење и им коментирам колку убаво ги изведуваат. Следува лавина од коментари на негација, на кои одговарам дека вистината си го докажува своето, а во денешно време сите имаме можност да стигнеме до неа“, реже актерот Пројчевски.

„Работејќи ја оваа претстава се ни беше јасно, поврзани сме со текстот, го чувствуваме како свој“, додаде Мавровски на крај.

Дејството е лоцирано во времето на Граѓанската војна во Грција (1946) кога припадници на кралската грчка војска, во чиј состав влегуваат и Македонците од Егејска Македонија, под обвинение дека се комунисти и непријатели на кралска Грција, се казнуваат со упатување во логор на пуст остров. Поради своите убедувања и етничкото потекло, некои од нив ги совладуваат сите тешкотии, задржувајќи го своето човечко достоинство. Други, пак, не успеваат во тоа, и наместо очекуваниот спас, доживуваат целосен морален пад. Драматизацијата е на Јелена Цветановска, сценограф Сергеј Светозарев, костимограф Благој Мицевски, музика Димитар Андоновски, кореограф Дамјан Цветановски. Учествуваат и 4 млади момци од КУД Илинден: Давид Балтовски, Филип Стефановски, Виктор Крстевски и Александар Ѓорѓиовски. Покрај авторската музика на Андоновски, се користи и композицијата „Бело море“ од Мизар и хорот Хармосини од албумот „Детето и белото море“.

Премиерата на „Црно семе“ е на 16. април со почеток во 20 часот и е целосно распродадена. Следните изведби се на 22. И 29.април со почеток од 20 часот.

„Не ја пропуштајте приказната за историските неправди кои му се случувале на Македонците и нивната борба за зачувување на македонскиот идентитет и јазик“.

Поврзани вести