Skip to main content

На 31 мај во ЦК „Марко Цепенков“ премиера на претставата „Чиста куќа“ од Сара Рул, во режија на Тамара Стојаноска

Со камерната претстава „Чиста куќа“ на авторката Сара Рул, а во режија на Тамара Стојаноска, која премиерно ќе биде одиграна на 31 мај (20 ч.), во Големата сала на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, официјално се отвораат салите во овој објект, кои пред два месеца беа затворени поради многуте забелешки од страна на Дирекцијата за заштита и спасување. Како што посочува директорката на Центарот за култура „Марко Цепенков“,Марија Попова Јованоска, во изминатиот период е направена потребната санација.

По затворањето на големата сала, киносалата и објектот каде што е сместен театарот, од страна на Дирекцијата за заштита и спасување, вложивме огромен труд да ги санираме клучните забелешки и да обезбедиме безбедни услови за работа и за публиката. Салите во Центарот за култура се повторно отворени и театарската дејност и активност продолжува. Посебно сме среќни што ова повторно отворање го одбележуваме со премиера во режија на Тамара Стојановска, млада режисерка која првпат режира за нашата театарска куќа. Претставата е работена во нестандардни услови, но со огромен ентузијазам, посветеност и љубов кон театарот. Овој проект е финансиски поддржан од Министерството за култура“, посочи Попова Јованоска. Таа додаде дека клучните забелешки беа да се санира хидрантската мрежа, демонтажа на стариот громобран и монтажа на новиот, поставување на агрегат за челичната завеса, која го дели гледалиштето од сцената во случај на пожар, а имало забелешки и за правецот на вратите, како и за системот за дојава на пожар и електричната енергија, и како што истакна, сето тоа е санирано.

Иако театарот останува затворен, тоа е предизвик конечно да го решиме прашањето за иднината на Прилепскиот театар. Овој град заслужува нов современ театар достоен за културното наследство и талентот што го поседува. Со оваа премиера сакаме да пратиме една јасна порака дека културата продолжува, театарот живее, а нашата сцена останува жива, активна и отворена за публиката, додава Попова Јованоска.

Емотивно обраќање на вчерашната најава на премиерата „Чиста куќа“ имаше и Михајло Миленкоски, раководител на Прилепскиот театар, кој од 2004 функционира во склоп на Центарот за култура „Марко Цепенков“.

Театарот помина низ многу предизвици, да се биде или не. Иако ги затвори вратите за публиката, не престана да работи ниту еден момент. Докажавме дека уметноста нема ѕидови. Каде што има приказна има и публика, има и театар, посочи Миленкоски.

Инаку, за претставата, младата режисерка Тамара Стојаноска посочи дека раскажува длабока човечка приказна за животот и смртта, преку пет различни, но меѓусебно испреплетени ликови.

Зборуваме за непредвидливите пресврти во животот и начинот на кој се соочуваме со нив, за болката што е неизбежна, за големината на проштевањето, но и за љубовта и нејзиното губење. Претставата го истражува ширењето на емпатија и начинот на кој се справуваме со траумите од детството, во нашиот случај, преку вицови, како средство за преживување, бегство и поврзување.

Секој лик носи во себе различна тежина, нерешени болки, кои ги гледаме преку односите на две сестри, двајца партнери или родители и деца. Во нашата приказна, вицовите стануваат филтер, еден вид „фасада“ и начин да се преживее она што не може да се издржи. Траумите од детството често се заматени, а спомените се искривени или недовршени, а родителите ги штитат децата од вистинската болна реалност. Ликовите не се обидуваат само да не насмеат, тие се обидуваат да преживеат, да ја пронајдат смислата во свет кој понекогаш е премногу болен за да се прифати таков каков што е…“, вели за претставата Стојаноска. Таа додава дека претставата се движи на границата меѓу реалноста и имагинацијата, користејќи елементи на магичен реализам за да ги прикаже емотивните состојби на ликовите, каде вицовите можат да лекуваат и убиваат, а љубовта може да живее и по смртта…

’Чиста куќа’ не е само приказна за чистење простор, туку за чистење на внатрешниот емотивен хаос. Авторката нè потсетува дека не сме совршени, но и дека токму во таа несовршеност се крие нашата човечност“, додава Стојаноска, за која ова е седма претстава, но прва во државен театар. Делото, пак, вели, за првпат се поставува на сцена во Прилеп, но и во Македонија.

Актерската екипа ја сочинуваат Даниела Иваноска (Лејн), Наташа Ачански (Матилда), Катерина Чакмакоска-Клинческа (Вирџинија), Јасмина Мицовска Станкоска (Ана), Димитар Ѓорѓиевски (Чарлс).

Чиста куќа“ по текстот на Сара Рул е претстава што раскажува длабока човечка приказна за животот и смртта, преку пет различни, но меѓусебно испреплетени ликови. Зборуваме за непредвидливите пресврти во животот и начинот на кој се соочуваме со нив, за болката што е неизбежна, за големината на простувањето, но и за љубовта и губењето на истата. Претставата го истражува ширењето на емпатија и начинот на кој се справуваме со траумите од детството — во нашиот случај, преку вицови, како средство за преживување, бегство и поврзување.

Секој лик носи во себе различна тежина, нерешени болки, кои ги гледаме преку односите на две сестри, двајца партнери или родители и деца. Во нашата приказна, вицовите стануваат филтер, еден вид „фасада“ и начин да се преживее она што не може да се издржи. Траумите од детството често се заматени, а спомените се искривени или недовршени, а родителите ги штитат децата од вистинската болна реалност. Ликовите не се обидуваат само да не насмеат, тие се обидуваат да преживеат, да ја пронајдат смислата во свет кој понекогаш е премногу болен за да се прифати таков каков што е.

Чистењето во оваа претстава не е само физичка активност, тоа е метафора. Додека домовите ни блескаат, внатре во нас често владее неред, несредени емоции, потиснати чувства, нерешени болки и осаменост. Куќата може да биде уредна и тивка, додека душата е немирна, полна со тишина што вришти. Чистењето овде станува чин на грижа, на бегство, на обид за враќање контрола, но и чин на љубов, особено кога се прави за некој друг.

Претставата се движи на границата меѓу реалноста и имагинацијата, користејќи елементи на магичен реализам за да ги прикаже емотивните состојби на ликовите, каде вицовите можат да лекуваат и убиваат, а љубовта може да живее и по смртта. Сара Рул, со својот препознатлив поетичен стил ја претвора секојдневната болка во нешто магично, духовито и лековито.

„Чиста куќа“ не е само приказна за чистење простор, туку за чистење на внатрешниот емотивен хаос. Авторката нè потсетува дека не сме совршени, но и дека токму во таа несовршеност се крие нашата човечност, вели Тамара Стојаноска

Поврзани вести