
Од 16 до 19 април во Загреб, Р. Хрватска, ќе се реализира мултимедијалниот проект за деца „Магичниот круг на детството“, кој има за цел да го поттикне живеењето на македонскиот јазик меѓу децата на македонската дијаспора. Главното мото на проектот е дека македонскиот јазик е најголемата културна татковина која нема граници, а неговото пренесување меѓу генерациите е важен културен елемент.
Проектот се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам на РС Македонија и Македонскиот културно-информативен центар во Загреб, а во организација на КАТ Продукција од Скопје. Во рамки на проектот ќе учествуваат околу 40 ученици од двете македонски основни училишта во Загреб – „Август Харамбашиќ“ и „Никола Тесла“, под водство на наставничката Деспина Белчовска Велинска.
Во текот на проектот ќе се реализираат три креативни работилници. Драмската работилница ќе ја води актерката и режисер Снежана Конеска Руси, работилницата за илустрација на книги за деца ќе ја води дизајнерот и едукатор Елена Максимовска, а работилницата за креативно пишување ќе ја предводи М-р Татјана Гогоска, автор на проектот и на книгата „Магичниот круг на детството“.
На завршниот настан, кој ќе се одржи на 19 април во Македонскиот КИЦ во Загреб, ќе се промовира книгата „Магичниот круг на детството“. Книгата ќе ја претстават самите учесници преку перформанси од трите работилници, а присуство ќе имаат и повеќе гости од културниот и образовниот сектор. Настанот ќе го води и модерира Снежана Конеска Руси, а свое обраќање ќе имаат директорката на Македонскиот КИЦ, Мими Ѓоргоска-Илиевска, и авторката на книгата Татјана Гогоска.
Проектот претставува значаен пример за зачувување и промоција на македонскиот јазик и култура меѓу младите генерации кои живеат надвор од Македонија.

Македонски



