Skip to main content

Монодрамата „Не денес“ на актерот Марјан Георгиевски премиерно во Битола: Секој поединец да си ги преиспита постапките и да разбере дека промената започнува од нас

Со силна освестувачка и мотивиркачка порака, длабока емоција и освестување за важноста од личното постапување, Битола викендов го отвори „новото поглавје“ за својата иднина преку два инспиративни настани – премиерата на монодрамата „Не денес“ на актерот Марјан Георгиевски и настанот „Визија кафе“.

Во преполна сала на Центарот за култура, преку единствениот лик публиката ја слушна реалноста што ја говори нашето срце и страшната вистина со кој што никој не сака да се соочи.

Се гушиме и молчиме. Главните чинители се летаргични во пристапувањето кон прашањето што не засега сите, а ние едноставно ја прифаќаме нивната рамнодушност без побуна. Јагленот се согорува, јагленот е нашиот тивок убиец, Битола е еден од најзагадените градови во светот, а ние молчиме…Прифаќаме, по цена на живот, облеани со страв, молчиме поради изворот на приходи што ни го носи сулфур диоксидот што го дишеме, но не смееме вака да продолжиме – тоа им го должиме на следните генерации, нагласи Георгиевски.

Водејќи се од лични побуди за состојбата со воздухот во Битола, актерот нагласи дека неговата монодрама е длабока и освестувачка и оти неговата цел била секој поединец да си ги преиспита постапките и да разбере дека сите ние носиме промени, дека всушност промената започнува од нас, занемарувајќи го постапувањето на другите.

Битола е наш град, тука растат нашите деца, а ние забораваме дека имаме моќ да направиме промени. Секој збор, секоја постапка во правилна насока ќе ни донесе подобра иднина, но ние мора да се избориме за истата. Дијалогот меѓу „мене и моето срце“ е за да го разбудиме во нас „заспаното“, односно да се потсетиме „кои сме и колку можеме“, нагласи Георгиевски.

Истиот ден, во мезе бар „Јагода“, се одржа настанот „Визија кафе“, на кој што битолчани зборуваа  за предизвиците на градот и предложија решенија за почиста, поздрава и поразвиена Битола.

„Сите се согласија дека еколошки чиста и економски развиена Битола е обврска како на институциите, така и на сите граѓани. Потребни се и идеи, поддршка и активни граѓани“, истакнаа од „Еко-свест“, Центарот кој ја спроведе иницијативата.

Двата настани се одржаа во рамките на проектот „ГОи во акција за климатските промени“, спроведуван од „Еко-свест“ со финансиска поддршка од Шведска.

Поврзани вести