
Солун– Музичарите од Македонската филхармонија, Софиската филхармонија и на Солунскиот државен симфониски оркестар вечерва уште еднаш потврдија дека културата е најсилниот дипломатски инструмент и дека таа гради мостови, онаму каде што политиката не наоѓа пат.
Оркестарот на Македонската филхармонија вечерва Концертната сала во Солун имаше заедничка изведба на сценската кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф со Софиската филхармонија и Државниот симфониски оркестар од Солун. Диригент беше Михалис Иконому од Грција, а како солисти настапија нашата сопранистка Ана Дурловски, бугарскиот баритон Иво Јорданов и контра тенорот Николас Спанос од Грција.
Голема радост ми е што ве поздравувам на оваа спектакуларна музичка гозба. На сцената, три хора и три оркестри ги здружуваат силите, но најважно од сè, нашите пријатели и колеги од Бугарија и Cеверна Македонија се тука да свират со нас и за вас. Верувам дека ова ќе биде уникатно музичко искуство, рече во своето обраќање Симос Папанас, директор на Државниот симфониски оркестар од Солун.

Папанас посочи дека моќта на музиката се протега многу подалеку од звукот.
Јас сум виолинист и кога патувам со мојата футрола за виолина, честопати слушам невкусна шега: луѓето покажуваат кон мојата футрола за виолина и прашуваат „дали е тоа пиштол?“. Постојат многу причини зошто ова е невкусна шега, најважно е што нема ништо смешно во оружјето. И секако, музичкиот инструмент ја нема суровата и насилна моќ на пиштолот. Но, кога се користи правилно, има магична моќ да го направи пиштолот бескорисен. И вечерва сите ние ги здружуваме нашите гласови за гласно да кажеме дека сонуваме за свет со повеќе музички инструменти и помалку пиштоли.
Го правиме ова во свет во кој војната се шири, а здравиот разум станува алармантно невообичаен. И да се потсетиме дека војната е крајниот неуспех на човештвото: тоа значи дека единствениот начин да ги решиме нашите разлики е да се убиваме едни со други. Тука, на Балканот, ја научивме оваа лекција на потешкиот начин. Тука сме да потсетиме дека нашите разлики се сосема безначајни во споредба со сите работи што нè обединуваат и што ни се заеднички. И додека гледаме како вистинското пријателство цвета меѓу музичарите и тимот на нашите оркестри, и додека се среќаваме вечерва на сцената, а можеби утре на плажите на Халкидики, никогаш не треба да заборавиме колку се скапоцени и кревки мирот и слободата што ги уживаме, подвлече Папанас.
Тој им се заблагодари на Мустафа Имери, директор на Македонската филхармонија и Најден Тодоров, директор на Софиската филхармонија, како и на грчкото Министерство за култура за поддршката на проектот.
И на крајот на колегите музичари им посака добредојде на трите јазици: на грчки на македонски и на бугарски јазик.
Публиката воодушевена од вечерашната изведба ги поздрави уметниците со громогласен десетминутен аплауз и овации, а солистите и музичарите се вратија на бис на сцената и по завршувањето на настапот продолжија да се дружат во просториите низ зградата на Концертната сала и околу неа со што уште една покажаа дека моќта на музиката се протега многу подалеку од звукот.
„Кармина Бурана“ е едно од најголемите музичко-сценски дела кое има статус на музички „бестселер“ на 20 век. Со своето извонредно влијание врз слушателите, „Кармина Бурана“ ги освои срцата на сите генерации. Композиторот Карл Орф го создаде ова иконично дело, инспирирано од средновековната поетска антологија „Codex Buranus“. Премиерата во 1937 година во Германија предизвика сензација и го означи почетокот на светскиот триумф на оваа кантата. „Кармина Бурана“ во себе обединува антички текстови, волшебни мелодии и моќни ритми. Вклучувајќи хор, солисти, богата оркестрација и сценско дејство, делото раскажува за кревкоста на човечката судбина, за радостите на пролетта, за бурните љубовни страсти и за задоволствата кои ги носи животот.