Skip to main content

Митева: Културата, уметноста и современиот национален израз дел од 35 години независност на македонската држава

Оваа година ги одбележуваме 35 години независност од македонската држава. Јубилеј кој претставува историска точка што нè обврзува со достоинство, визија, но и одговорност да ја раскажеме приказната за државата низ културата, уметноста и современиот национален израз.

Токму затоа, цениме дека на овој голем државен јубилеј му е потребен и голем, репрезентативен и долгорочно значаен проект. Проект кој за нас и за целата држава нема да биде само настан, туку национална културна манифестација од највисок ранг, со амбиција да остави трајна вредност и силна трага во културната историја на Македонија.

Нашата цел е ова одбележување да има и државничка тежина, современ културен и продукциски пристап, но и меѓународна препознатливост. Да создадеме концепт кој ќе ја претстави Македонија како држава што знае достоинствено да го одбележи сопствениот пат, но и да ја покаже сопствената културна самодоверба пред домашна и меѓународна јавност.

Особено важно е што нема да биде концентриран само на едно место или само со еден настан, туку ќе биде децентрализација и вклученост, тоа е идејата на самиот проект. Културата да стигне до сите граѓани, во повеќе градови, преку повеќе форми и различни уметнички изрази.
Предвидуваме програмска структура којашто е поделена во неколку сегменти. Во периодот од јули до септември се предвидени повеќе настани, но ќе ми дозволите за тоа дополнително, заедно со АВAЛОН Продукција, да ги најавиме етапно настаните. Денес сме овде да го најавиме централниот, големиот настан за 8-ми Септември. 

Веруваме дека како Македонија имаме капацитет да создадеме настани со сериозна продукциска вредност, со силна емоција, но и со културна порака која навистина ќе остане запаметена и надвор од нашите граници.

Ова е наш обид да оставиме трага за генерациите коишто доаѓаат.

Поврзани вести