Skip to main content

Мавровски: Горди сме на тоа што го правиме и јавно изразувам благодарност до секој еден посетител кој одделил дел од своето време и го посетил Битолски театар

Директорот на НУ Народен театар – Битола Васко Мавровски и претседателката на Здружението на пензионери, Даница Петличкова, потпишаа меморандум за соработка. Со меморандумот договорено е да се промовира и стимулира посетеноста на пензионерите на претставите на Народен театар – Битола, а здружението и установата ќе соработуваат и на други заеднички активности.

Изминатиот период беше потпишан уште еден Меморандум на НТБ со претседателката на Македонското научно друштво Битола – проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска, во пресрет на големиот јубилеј 65-години постоење на МНД. МНД и НТБ во иднина интензивно ќе соработуваат во областа на уметноста, литературата, театарската критика и другите области сродни за двете институции. А ќе се стимулира и посетувањето театарски претстави и пишувањето критика пред пошироката академска и научна заедница.

Посетеноста на Битолскиот театар расте од ден на ден, па изминатиот месец немаше претстава во која имаше празно седиште.

„Во периодот јануари, февруари 2024, НТБ имал 14 изведби и 3088 посетители, а во истиот период оваа година НТБ имал 20 изведби и 4880 посетители. Тоа зборува дека кампањата „Дојдете во театар“ и посветеноста на сите вработени кои деноноќно се во театарот, ги даде своите резултати. Горди сме на тоа што го правиме и јавно изразувам благодарност до секој еден посетител кој одделил дел од своето време и го посетил Битолски театар“, истакна директорот Мавровски.

Во завршна фаза е и опремувањето на новата просторија во која ќе се чува архивата на НТБ, проектирана според барањата на Државниот архив на Република Македонија. Во овој архив, покрај архивските документи од работењето на НТБ кои истовремено се дигитализираат со новиот софтвер за дигитално архивско работење кој е во функција од 01.01.2025 год, ќе се чуваат повеќе од 250 драмски текстови од претстави поставувани на сцената на НТБ а некои од нив стари и повеќе од 60 години. Со сето ова се создава вистинска ризница на книги и текстови кои се во категоријата на културно наследство, истите во најскоро време ќе бидат дигитализирани и достапни за пошироката јавност во е-библиотеката на НТБ.

Оваа година ќе биде промовирана и Монографијата „Народен театар Битола“, на авторот Иван Додовски, испишана на 310 страници, испечатена од Графопром Битола.

Поврзани вести