Skip to main content

„Матица“ објави втор том од „Табу – време на страв и страдање“ од Стојков

Вистината за геноцидот врз Македонците од Пиринска Македонија излезе на виделина, на увид на домашната и на странската јавност. „Матица македонска“ објави втор том од зборникот „Табу – време на страв и страдање: прогонувањето на Македонците во Бугарија за време на комунизмот 1944-1989 година“ од универзитетскиот професор и голем борец за правата на Македонците во денешна Бугарија, Стојко Стојков. Во овој том за првпат во толкав обем и формат се објавени досиеја и спомени од Македонци од Пиринска Македонија, со обемна, фототипно прикажана документација.

Ова дело е драгоцен придонес во македонската историографија. До сега ние немаме истражување целосно, обемно и исцрпно документарно монографско сведоштво за геноцидот врз Македонците од бугарската држава. Притоа, станува збор за континуиран геноцид – убиства, масовни депортации, затворски казни, тортури од секаков вид, од времето на анектирањето на Пиринска Македонија од Бугарија по Балканските војни до денес. Сведоштвата за тоа се илјадници, меѓутоа Зборникот го опфаќа делот на комунистичката диктатура во Бугарија.

– Од една страна, за бугарскиот геноцид врз Македонците може да се состават стотици томови со документи. Мора да се потсетиме дека на пописот во Бугарија од 1946 година, Македонци имаше 252.908, десет години подоцна – во 1956 година, тие останаа 187.786, а во следниот попис – само 8 750. До крајот на 1989 година веќе немало ниту еден, што дало повод на западните медиуми како „Арбајтер Цајтунг“ од Виена да излезат со наслови: „Бугарските Македонци ‘умреле’ во Пиринска Македонија“. Зад овој статистички геноцид се крие реален геноцид на уништени стотици илјади човечки судбини, но голем дел од сведоштвата за тоа уништување и до денес се кријат од бугарските државни институции. И тука е огромната улога на проф. д-р Стојко Стојков преку борба со бугарските јавни и тајни служби да откине од нив делови од документарната историска вистина за македонскиот геноцид и да го претстави на јавноста. И не само тоа. Документите се поткрепени со писмени сведоштва на преживеаните од затворите, од иселувањата и од тортурите. На тој начин има симбиоза меѓу документарната вистина и нејзината улога во животот и судбината на жртвите на бугарскиот терор, истакнува во рецензијата, Стефан Влахов-Мицов.

Зборникот со досиеја и сведоштва приреден од Стојко Стојков, веќе е достапен за јавноста, во книжарниците на „Матица македонска“ и онлајн. Иако штотуку објавена книга, „Табу – време на страв и страдање“ е дел од насловите вклучени во акцијата „Априлско разлистување“ со којашто „Матица македонска“ овозможува огромен број изданија со голем попуст и до 80 проценти. Воедно, ова дело е едно од оние дела значајни за Македонија, со чиешто објавување, „Матица македонска“ и ја одбележува 35-годишнината од своето формирање.

Поврзани вести