Skip to main content

Македонскиот народен театар одбележува 81 година

Македонскиот народен театар денеска одбележува 81 година од првата претстава на македонски јазик, со која почнува континуираната работа на ансамблот на театарот. 

„Сонцето, колку е блиску сонцето“ е првата реченица на македонски јазик што ја изговорила актерката Вера Вучкова на 3 април 1945 на изведбата на претставата „Платон Кречет“ од советскиот драматург Александар Корнејчук, во режија на Димитар Ќостаров, во превод на Блаже Конески.

МНТ лани го одбележа 80-годишниот јубилеј со сценско-музички проект во режија на Дејан Пројковски, со наслов  „Сонцето, колку е блиску сонцето – Made in МNT“, кој реферира на првата изговорена реплика на македонски јазик.  

Претставата за осум децении постоење беше осмислена како аудиовизуелно патување низ македонската драматургија, поезија, проза и ликовна уметност, односно, како што изјави режисерот: „емотивна приказна посветена на големите актери, режисери, драматурзи и на сите професионалци зад кулисите задолжени за создавањето на сценскиот универзум во МНТ“.

Осумдесет и првиот роденден МНТ го одбележува со гостувања на театри од регионот: „Амадеус“ во режија на Александар Поповски, во изведба на Словенечко народно гледалишче (СНГ) од Марибор, монодрамата „Безгрешна“ (Immaculata), инспирирана од романот „Марииниот завет“, која е омаж за словенечкиот театарски режисер Томаж Пандур (1963 – 2016) и се реализира во продукција на СНГ Марибор и претставата на Црногорско народно позориште „Другата страна“, во режија на Борис Лиешевиќ. хс/са/

МИА  

Поврзани вести