Skip to main content

Македонската и турската културна дипломатија со заедничка изложба во Македонскиот КИЦ Белград

Синоќа, во преполна сала на Македонскиот КИЦ во Белград, пред бројни претставници на дипломатскиот кор, претставници на македонската и турската заедница во Белград, белградската академска средина и во присуство на бројни медиуми, беше отворена изложбата „Патувањето на парите“ од м-р Даниела Николова. Изложбата беше добар повод за прво меѓусебно партнерство помеѓу нашиот КИЦ во Белград и турските институти „Јунус Емре“ во Скопје и Белград. На настанот свои обраќања имаа македонскиот и турскиот амбасадор во Белград, Никола Тупанчески и Илхан Сајхл, извршниот директор на „Халкбанк“ во Белград, директорот на „Јунус Емре“ во Белград, директорот на нашиот КИЦ во Белград Васко Шутаров и авторката и кураторката на изложбата Даниела Николова. 

Турскиот амбасадор во Белград, Илхан Сајхл, во своето обраќање истакна дека:

– Монетите исковани во Скопје и Кратово не се само нумизматички артефакт туку е и сведок за економскиот , општествениот и културниот живот на еден регион кој со векови бил дел од пошироки цивилизациски текови. Оваа изложба зборува и за континуитетот и развојот и поврзаноста на луѓето и културите.

На отворањето на изложбата директорот на македонскиот КИЦ во Белград, Васко Шутаров нагласи дека нема поголем предизвик во денешниве  турбулентни времиња да се зборува и да се посакува човекољубие, какво што посакувал своевремено Јунус Емре.

– Тоа е првата причина за изложбата, што вечерва му се поклонуваме на делото на Јунус Емре, големиот турски народен поет кој во 1991 година доби своја меѓународна година со одлука на УНЕСКО.  Втората добра причина зошто е ова  прва наша меѓународна соработка и колку што знам, и прва меѓународна соработка на турскиот Институт Јунус Емре во Белград, е турската културна дипломатија, која заслужува респект. Вистински предизвик е претставници на таква умешна и успешна културна дипломатија да бидат наши вечерашни партнери за соработка. И третата добра причина е Даниела Николова, ерудит и истражувач од Македонија која кованите пари од Кратово и Скопје од 14 до 17 век ги има истражувано, публикувано и изложувано. Се договоривме македонската и турската дипломатија вечерва да комуницираат во Белград  и да и покажеме на белградската публика што е истражувано на план на монетите што се наоѓаат во Музејот на Македонија-изјави Шутаров.

Изложбата во КИЦ Белград ќе биде отворена за посетители до 8 април.