Skip to main content

„Македоника литера“го објави романот „Јас не сум прељубница“ од Лиу Џенјун, во превод од кинески јазик на Кристина Стаменова

„Македоника литера“ деновиве го објави романот „Јас не сум прељубница“ од реномираниот кинески писател Лиу Џенјун, во превод од кинески јазик на Кристина Стаменова.

„Јас не сум Пан Џјинлиан“ (2012) е оригиналниот наслов на овој прв роман на Лиу Џенјун преведен на македонски јазик – „Јас не сум прељубница“. Пан Џјинлиан е познат лик од кинеската книжевност – таа е најпознатата прељубница во историјата на кинеската книжевност. Англискиот превод на насловот на овој роман е „Јас не го убив маж ми“, а на филмот снимен според овој роман – „Јас не сум госпоѓа Бовари“.

Лиу Џенјун (1958) е кинески романсиер и филмски сценарист. Автор е на повеќе од петнаесет романи и новели. Половината негови романи се филмувани според негово сценарио. Негови најпопуларни романи се „Некој за разговор“ (познат и како „Една реченица вреди десет илјади реченици“) и „Јас не сум Пан Џјинлиан“.

Повеќето негови дела се продавани во милионски тиражи. Неговите дела се преведени на триесетина јазици. Во 2011 година, со „Некој за разговор“ („Една реченица вреди десет илјади реченици“) ја освои високата кинеска награда за литература „Мао Дун“ и стана неговото најпродавано дело. Во 2018 година, беше награден со француската „Шевалие де летр е дезарт“.

Голем дел од популарноста на Лиу Џенјун произлегува од филмовите засновани на неговите романи, вклучувајќи го и блокбастерот „Мобилен телефон“, сите во режија на познатиот кинески режисер Фенг Сијаоганг. Меѓу нив е и филмот „Јас не сум госпоѓа Бовари“. Филмовите адаптирани од неговите дела исто така освоија повеќе меѓународни награди. Филмските серии според неговите дела имаат висока гледаност.

Лиу Џенјун е познат по внесувањето на политичката критика во своето творештво, како и по застапувањето за социјална правда. Ваквата општа оценка за неговото творештво се однесува и на овој негов роман.

Ли Шјуелиан, во брак со Чјин Јухе, е бремена со второ дете. Среќни вести? Не во Кина, со нејзината политика за едно дете. Тоа е кривично дело. Што да прави таа? Нејзината единствена опција е да се разведе пред да се роди второто дете.

„Прво ќе го запишеме детето во матично, а потоа ќе се венчаме. Тоа ќе се води како родено за време на разводот, а кога одново ќе се венчаме, секој од нас ќе има по едно дете. Нема таков закон кој вели дека парот со по едно дете не може да се земе. Само, да внимаваме и да не направиме други после тоа.“ Совршено! Но, по разводот Чјин се жени со друга жена од која чека бебе. Лута и бесна, Ли трча кај судијата и го моли да го прогласи разводот за лажен за да може повторно да се омажи и вистински да се разведе! И почнува урнебесната приказна. Освен тоа, протагонистката е лажно обвинета дека е Пан Џјинлиан (една од најпознатите прељубници во историјата на кинеската книжевност) па сака да ја истурка правдата и за тоа.

Заплетот на Лиу е политички напрегнат како апсурдна и урнебесна комедија, омекнувајќи го она што се движи од строго обвинение за кинескиот закон за едно дете до директна критика на корумпираниот систем на Кина. „Јас не сум прељубница“ е сатира од највисок ред, остра, бескомпромисна и иронична.

Според одгласите во медиумите, ова е „политичка фарса…, интимен портрет на локалната политика која е толку важна во Кина“. („Њујорк тајмс“). „Маестрална приказна што ќе ве насмее дури и додека очајувате… Суптилна сатира“ („Киркус ревиевс“). „Сатирична приказна која вешто ја испитува политичката корупција во Кина“ („Паблишер викли“).

Поврзани вести