
„Македоника литера“ неодамна го објави романот „Монтана“ од современиот молдавски писател Александру Попеску, во преводот од романски јазик е на Ирина Кроткова.
Романот „Монтана“ е првото книжевно дело на молдавскиот писател Александру Попеску (1987). Во молдавските и романските книжевни кругови романот е оценет како брилијантно дебитантско дело. „Монтана“ го отсликува егзистенцијалното патување на едно дете од Приднестровје кон западниот свет, условено од политичката реалност во регионот.
Книгата е директна фреска од објективот на општествениот живот во Приднестровје меѓу два света од кои произлегуваат поединечни судбини, носејќи ги сите отпечатоци на ова искуство и сите знаци на осуда што централниот лик се обидува да ги надмине. Руско-советскиот свет низ кој поминал главниот лик Иван Жосан како дете, заедно со војната, сиромаштијата, оспорениот идентитет и европскиот свет кој го прифаќа, веќе како новинар во Британија. Боледува од епилепсија, поради што е речиси невозможно да функционира професионално, па дури и како нормално човечко суштество. Станува речиси невозможно да се живее пристоен и исполнет живот. Ова е книга за метаморфозата на нормалноста, нејзиното осакатување, книга за силата на духот на својот пат кон избавувањето преку вредностите, сеќавањето и љубовта. Со динамична нарација авторот паралелно ги прикажува двата света на главниот лик – европскиот и, подоминантно, приднестровскиот свет. Ова е приказна која сугестивно, директно и искрено ја отсликува молдавската советска и постсоветска реалност, општествената преобразба и деградација, и човечките проклетства и судбини. Иако дебитантско, ова прозно дело остава впечаток на зрело и вешто изведено романескно остварување. Ова е роман – копнеж по нормалноста, за човечката силна волја за излез од безнадежноста, безизлезноста и очајот, за бегство од затворениот свет.
„Преку Монтана ја имаме, можеби, најсериозната и највистинитата проза за енклавата наречена ’Приднестровје‘. Јадрото на наративот епски ја реконструира војната во Приднестровје, видена низ очите на дете, а потоа седиментирана во разнишаната психа на возрасен човек, сето тоа веродостојно како човечки профили и измислени ентитети. Деталите со симболична реверзија – часовникот монтана, дуњите, книгите печатени со латински букви итн. – додаваат умешност на прозата и сведочат за целосно оформен прозаист.“ (Еуген Лунгу).
„Книгата има трилерски ритам и структура, со неочекувани пресврти и неизвесни точки кои подоцна продолжуваат и се разјаснуваат, но стилот на авторот никаде не е драматичен, напротив: тој дозволува впечатокот да се вкорени поради акумулацијата на настани кои се засилуваат, се преклопуваат, се пресекуваат, од играта на настани и случајности.“ (Викторија Диаконеску)
Александру Попеску е припадник на помладата генерација молдавски писатели и еден од најзабележителните млади автори во Молдавија. Роден е во 1987 година во градот Бендер (Тигина), Република Молдавија. Дипломирал комуникациски науки на Меѓународниот слободен универзитет во Молдавија. Неколку години работел како известувач за новински агенции и ТВ-станици во Кишињев. Член е на Сојузот на писателите на Република Молдавија (од 2023 година). Од 2017 година живее во Велика Британија.
Своето книжевно деби го имаше во 2022 година со романот „Монтана“. Следната година, за книгата ги доби наградата „Деби“ на Сојузот на писателите на Молдавија, наградата за дебитантски настап во литературата на Општинската библиотека „Б. П. Хасдеу“ во Кишињев и наградата за литература на ТВ Журнал во Кишињев.

Македонски






