Skip to main content

„Магичен поглед“ од данската авторка и илустраторка Ане Бјорн објавена на македонски јазик

„Антолог“ ја објави книгата „Магичен поглед“ (Trylleblik) од данската авторка и илустраторка Ане Бјорн, во превод на македонски јазик на Лара Крстева-Ичокаева, исклучително силна и визуелно впечатлива сликовница за детската имагинација, бегството, загубата и способноста да се пронајде убавина дури и во најтешките околности.

Во една безимена земја, во град претворен во урнатини, едно девојче од својата баба учи необична вештина: ако го затвориш едното око и го покриеш со два прста, можеш да видиш нешта што инаку не би можел да ги видиш. Златни дворци во темни шуми, сирени во морските длабочини, зелени полиња, слободни птици и отворени патишта. Со својот „магичен поглед“ девојчето успева да го зачува светот во кој сè уште постојат светлина, убавина и надеж.

Но, зад фантастичните слики се крие сурова реалност. Девојчето и нејзиното семејство се принудени да го напуштат својот дом и да тргнат на опасно патување. Она што не е кажано со зборови, го раскажуваат илустрациите: град разурнат од воени немири, страв, неизвесност, бранови, бегство и загуба. Токму во тој контраст меѓу сивата реалност и шарениот свет на детската фантазија лежи најголемата сила на книгата.

„Магичен поглед“ е кратка, но длабоко емотивна приказна која на децата им зборува за теми за кои понекогаш е тешко да се најдат вистинските зборови. Војната и бегството не се претставени преку описи, туку преку погледот на едно дете кое, и покрај сè, одбива да престане да гледа убавина во светот.

Бјорн е авторка и илустраторка чии книги ја користат сликата како активен раскажувач – за да им дадат форма на соништата, стравовите, тагата, гневот и имагинацијата, особено таму каде што зборовите не се доволни. Нејзиниот визуелен израз ги спојува акварелните бои со црни туш-цртежи и елементи инспирирани од стрипот, создавајќи свет во кој фантастичното и реалното постојат истовремено.

Објавена првпат во 2021 година, сликовницата привлече значително внимание и беше во потесен избор за данските награди на Министерството за култура за автори и илустратори на книги за деца и млади.

„Магичен поглед“ е наменета за деца, но не е книга што зборува само со децата. Нејзината тивка и поетична приказна отвора простор и за возрасните – да се запрашаме што гледаме кога светот околу нас е исполнет со страв, и дали сè уште умееме да го пронајдеме она што вреди да се зачува. Понекогаш е доволно да затвориме едно око и да погледнеме поинаку.

Книгата на македонски јазик е објавена со поддршка на програмата Циркулација на европски книжевни дела во склоп на Креативна Европа на Европската Унија – Потпрограма „Култура“, Данската фондација за уметност и на Министерствата за култура на РС Македонија и е достапна во книжарниците и преку дистрибутивната мрежа на издавачи.

Ане Бјорн (1984) е данска писателка и илустраторка. Преку своите сугестивни илустрации, им дава форма на сè она што децата (и возрасните) тешко можат да го изразат со зборови: соништата, стравовите, тагата, лутината и имагинацијата.


Дипломирала историја на уметност, а својата прва сликовница, „Кога ноќта исчезна“, ја објавила во 2015 година. Оттогаш има објавено повеќе наградувани дела, меѓу кои и прекрасната „Магичен поглед“ (2021).