
Ми претставува особена чест и задоволство да ве поздравам и да ви посакам пријатен престој во Република Македонија, во нашата древна и духовно богата земја, каде што зборот е свет, а културата е начин на живот, порача денеска министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.

Денеска сме собрани овде за нешто навистина големо и значајно, заедно да го славиме и да го развиваме она што нѐ поврзува како народи, како култури, како човечки суштества, Културната рута на светите браќа Кирил и Методиј.
Реализацијата на Генералната асамблеја токму овде е симболично и значајно бидејќи Македонија не само географски, туку и духовно и културолошки е вградена во мисијата на светите браќа Кирил и Методиј, како и на нивните ученици. Делото на Солунските браќа, што го постави темелот на словенската писменост и духовност, длабоко е врежано во нашето културно наследство и во колективната меморија на македонскиот народ.
Овде, на овие простори, нивната мисија не само што беше прифатена – таа продолжи да живее, да се шири, да се пренесува со љубов од генерација на генерација. И денес, како дел од оваа културна рута, ние не го чуваме само нивното наследство туку и го живееме.
Ова не е само патека низ географијата на Европа. Ова е патување низ духот, низ вредностите, низ длабоката смисла на зборот.
Оваа рута е наш потсетник дека културата е нашето најсилно средство за мир, за почит, за заедништво. Во време кога светот сè уште се соочува со поделби и несигурност, ние овде со зборови, со вредности, со дух градиме цврсти мостови.
Како Министерство за култура и туризам, со голема почит и ентузијазам ќе продолжиме да ја поддржуваме оваа рута. Да ја зајакнеме, да ја прошириме и, пред сè, да ја направиме видлива и жива за младите, за оние што доаѓаат по нас и што ќе го носат понатаму факелот на Кирил и Методиј.
Нашата земја е посветена на зачувувањето и афирмирањето на ова културно богатство и од тие причини, Министерството за култура и туризам ја поддржува и партиципацијата на Македонија во: Винската културна рута, Рутата на римските императори и Дунавската римска рута. За афирмација на рутите кај пошироката културна јавност, минатиот месец го реализиравме и форумот „Културните рути на Советот на Европа во функција на културниот туризам“, на кој учествуваа гости од земјава и од странство, од академскиот, туристичкиот, економскиот и од поширокиот културен сектор.
Во тој контекст, особено го цениме учеството на Институтот за македонска литература при УКИМ и на Институтот за старословенска култура од Прилеп во рамките на Европската културна рута на Светите Кирил и Методиј, што по наше уверување ќе придонесе за значајна културна, научна и туристичка промоција на кирилометодиевското наследство нераскинливо поврзано со духовната почва на Македонија.
Како министер за култура и туризам, но, пред сѐ, како човек, верувам дека она што го работиме со љубов, со посветеност и со искрена желба, има смисла. Ви благодарам што го носите духот на Кирил и Методиј и во своите земји, во своите градови, во своите срца.
На крајот ќе ви посакам успешна работа и убав престој во градот Скопје и откривање на кирилометодиевското наследство во неговиот изворен вид во охридското културно и духовно средиште.
Уште еднаш добре дојдовте во Македонија – земјата на светлината на Кирил и Методиј.