Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, и националниот координатор за туризам, Акан Махмут, остварија работна посета на Општина Градско, при што со градоначалникот Киро Нацков разговараа за можностите на оваа стратешки поставена општина во насока на развивање на транзитниот туризам и афирмација на културното наследство.
На средбата со градоначалникот беше истакната важноста на транзитниот коридор каде што е Општина Градско и уникатните можности што овој регион ги има за привлекување туристи и промоција на природните убавини, културното богатство, црквите, манастирите, гастрономијата, нашите локални производи и специјалитети.
„Општина Градско ја развива соработката со институциите, бизнис-секторот и со сите заинтересирани страни, а сè со цел да го создаде најдобриот амбиент за развој на туризмот во овој регион“, истакна министерот Љутков кој го посети ранчот со коњи на „Шерпа хорс рајдинг“ во сопственост на Васко Величковски. Новиот производ, винската планинска тура со јавање коњи на „Шерпа хорс рајдинг“ наречена „Патеката на Дионис“ обединува повеќе мали сместувачки капацитети, производители на традиционална храна, пчеларска фарма и неколку семејни винарии со што се креираат нови економски можности во локалните заедници, особено за младите. Оваа иницијатива е поддржана од Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ).
Во рамките на посетата на овој регион, министерот Љутков и националниот координатор Махмут беа запознаени со можностите што ги нудат винските патеки, долгата традиција во производство на висококвалитетни вина во винариите „Стоби“ и „Лазар“, но и во семејните винарии околу Градско. Стана збор дека тие се гордост на македонската винска индустрија, а туристите сè повеќе покажуваат интерес за вински тури, дегустации и запознавање со процесот на производство.
Посетата на Градско опфати обиколка и на дел од културниот потенцијал на општината, каде што е и манастирскиот комплекс „Св. Архангел Михаил“ од 17 век, како и најголемиот и најзначаен археолошки локалитет „Стоби“.
Министерот Љутков истакна дека овој локалитет е од особено значење за развојот на транзитниот туризам и дека од исклучителна важност се поврзаноста, вклучувањето и промоцијата на „Стоби“ во рамките на поширока туристичка презентација во регионот, имајќи го предвид фактот дека локалитетот годишно го посетуваат околу 20 илјади туристи.
Стоби е во фокусот на Министерството за култура и туризам за финансирање проекти од национален интерес за истражувања, конзервација и презентација. Во таа смисла, ги поддржуваме напорите на стручниот тим на установата во остварување на дејноста, преку реализација на истражувачки проекти, проекти од областа на заштитата на културното наследство, организацијата на меѓународните школи и обуки за заштита на културното наследство, како и во примената на нови технологии и интерактивни пристапи во презентацијата“, рече Љутков, кој додаде дека наскоро ќе биде вратен сјајот на „Стоби“ бидејќи во изминатите седум години не го доби потребното внимание и финансиски средства за програма и за капитални проекти и инвестиции.
Најавувајќи го периодот што следува, министерот Љутков рече дека Вардарскиот регион има потенцијал да стане бисер на транзитниот туризам во земјава, и порача: „Со вистинска стратегија и посветеност, верувам дека Општина Градско и целиот потег на автопатот Е-75 е на добар пат да се претвори во значајна дестинација за транзитните туристи, а Министерството за култура и туризам ќе биде предводник и силен сојузник во остварувањето на оваа цел“.