Skip to main content
ДЕЈАН ПРОЈКОВСКИ, ТЕАТАРСКИ РЕЖИСЕР

Лесно е да се има соништа, тешко е да се има верба и сила за да се остварат

„Ана Каренина“ на Пројковски е една од најнаградуваните во историјата на Новосадскиот театар. Минатата година претставата беше и дел од светската театарската олимпијада во Будимпешта. Оваа претстава ги понесе и наградите на сите релевантни фестивали во Србија во изминатите години, а в сабота, на 16 ноември, гостува на Млад отворен театар

Ана Каренина е женскиот Хамлет кој што успева општеството да го донесе пред огледало, за конечно сите да го видат вистинскиот сјај на лицемерието, вели македонскиот режисер Дејан Пројковски (45) чија престава „Ана Каренина“ на Новосадски театар (Србија) на 16 ноември гостува на Млад отворен театар (МОТ) во 20,30 часот на сцената на Албански театар во Скопје.

„Ана Каренина“ на Пројковски е една од најнаградуваните во историјата на Новосадскиот театар. Минатата година претставата беше и дел од светската театарската олимпијада во Будимпешта. Оваа претстава ги понесе и наградите на сите релевантни фестивали во Србија во изминатите години, како што се фестивалот на професионални театри на Војводина, „Тврдина“, на фестивалот „Борини театарски денови“ во Врање, „Театарска пролет “ во Шабац и други, беше рангирана и во најдобрите пет претстави во театарската сезона 2019/2020, според проценката на порталот „Едит култура во Белград“.

Пројковски изминативе години има успешни проекти со театрите низ Балканот, режирајќи ја „Дервишот и смртта“ во Бања Лука, „Браќа Карамазови“ во Софија, „Орестија“ во Сплит, „Ромео и Јулија“ во Истанбул, „Опасни врски“ во Санкт Петербург, „Нема струја за електричниот стол“ и „Инферно“ во Велешкиот театар… Сиве овие успеси го вбројуваат Пројковски во редот на еден од најзначајните театарски режисери во регионот.

Сите награди од надвор се признание за македонската култура и театар и сметам дека во тој поглед се многу важни. Секако, да не заборавиме дека и покрај сите награди и признаниа од странство јас подолг период во македонскиот театар бев странец. Странец во сопствениот дом, вели Пројковски во интервју за „Република“.

Ако „Ана Каренина“ на Толстој во минатото била прифаќана како трагичен лик во време во кое доминира патријахатот, каква е Вашата Ана?

ПРОЈКОВСКИ: Нашата Ана е жена која се бори против лажниот морал и општествените рамки. Се обидува да биде силна и да ги издржи ударите на малограѓанштината. Онаа малограѓанштина која што многу одамна е дијагноза и не зависи од географската положба. Паланката е состојба на духот. Светот во кој што живееме е голема џунгла каде што со помош на социјалните мрежи многу брзо и лесно секој може да биде светец. Ана Каренина е женскиот Хамлет кој што успева општеството да го донесе пред огледало за конечно сите да го видат вистинскиот сјај на лицемерието. Човековите права и слободи, правото на личен избор и денес се најважните и најсуштинските вредности за кои треба човек да се бори. Нашата Каренина открива дека нешто е гнило во нашата цивилизација во која зборот емпатијата одамна го изгубил своето значење. Претставата зборува за болката на современиот човек и неговата страст за живот. Ана на сцената отвора многу врати, поминува лавиринти трагајќи по вистинската смисла и значење на зборот љубов. Дали човекот е спремен да се победи самиот себе. Да се победат сопствените стравови за да се открие смислата на своето постоење.

Сцена од претставата „Ана Каренина“ / Фото: Новосадски театар

Колку денес се сменети работите и општеството во кое живееме ако една жена посака љубов по сопствен избор, а не некој кој ќе и биде наметнат?

ПРОЈКОВСКИ: Сè додека овој роман е актуелен, ние се вртиме во круг. Ако ги погледнеме денес бројките за семејно насилство или бројот на жени кои страдаат и ја плаќаат цената на својот избор, ќе разбереме дека во светот ништо не се променило. Човештвото, за жал, со векови само ја менува својата амбалажата без да се грижи за суштината внатре. Ана Каренина знае дека е важно човек да се бори за своите соништа и идеали. Важно е да се земе животот во свои раце. Претставата зборува за слободата и правото на личен избор. Ана Каренина одбива да биде дел од луѓето кои во животот го чекаат Годо. Таа одбива да живее во свет кој одамна се претворил во една голема чекална, каде што луѓето чекаат да дојде возот за да ги однесе на место каде што приказните имаат среќен крај. И така, седејќи во таа чекална прават планови како еден ден ќе живеат среќно. А среќата во таа чекална ќе дојде заедно со Годо. Лесно е да се има соништа, тешко е да се има верба и сила за да се остварат. Ѕидовите и препреките треба да се победуваат со љубов. Без разлика дали се времињата лесни или тешки ние живееме во нив. Во „Дервишот и смртта”, Меша Селимовиќ вели : Ова е моето време, единственото кое ме засега.

Во последната деценија „Ана Каренина“ доживува нови видувања, како на театарските сцени, така и на филмското платно. Зошто е тоа така? Што е она што Вам ве привлече да го работите текстот на Толстој?

ПРОЈКОВСКИ: „Сите среќни семејства наликуваат едно на друго, секое несреќно семејство е несреќно на свој начин…“ – Ова е почетокот на „Ана Каренина” само ова реченица на Толстој е доволна инспирација за создадање на претстава. Последнот период создавам претстави во кои слично како Диоген со свеќа во рака сред бел ден го барам човекот.

Театарите во кои работите ги менувате, но екипата со која соработувате (кореограф, сценограф, музика, костимограф) не. Колку тие ви даваат „буст“ во заедничката работа?

ПРОЈКОВСКИ: Моите соработници кои што се дел од мојата авторска екипа се големи уметници со кои јас заедно ги создавам своите светови на сцената. Вистинскиот процес во театар е како скок со падобран. Треба храброст што подолго да се има слободен лет, пред да се отвори падобранот. Во театарот слободниот лет е периодот на истражување и лабораториски пристап. Само на тој начин преку експериментирање може да се стигне до создавање на специфична сценска естетика. Затоа многу се радувам на гостувањето на Ана Каренина на МОТ и можноста нашата публика да ја погледне оваа претстава.

Со оваа претстава освоивте многу значајни награди во регионот, како и со минатите на кои сте работеле. Колку овие награди се важни за македонскиот театар?

ПРОЈКОВСКИ: Претставата е една од најнаградуваните во историјата на Новосадскиот театар. Сме победиле на сите фестивали на кои сме учествувале до сега. Минатата година претставата беше и дел од светската театарската олимпијада во Будимпешта. Ова е многу важна претстава за сите кои работевме на неа. Сите награди од надвор се признание за македонската култура и театар и сметам дека во тој поглед се многу важни. Секако, да не заборавиме дека и покрај сите награди и признаниа од странство јас подолг период во македонскиот театар бев странец. Странец во сопствениот дом.

Често работите во странство, дали ја следите театарската сцена во Македонија? Што е она што му е потребно на македонскиот театар?

ПРОЈКОВСКИ: На Македонскиот театар му е потребен свеж воздух, отворени срца и умови. Македонскиот театар заостана зад многу важни театарски движења и естетики. Ние го имаме најважното, а тоа се прекрасните актери. Мислам дека би требало да се обидеме сите заедно да го создадеме вистинскиот модел за квалитетно функционирање на театарот.

Кој е следниот проект на кој работите?

ПРОЈКОВСКИ: Во моментот работам во Бугарија во театарот во Пловдив кој што е еден од водечките театри во регионот. Следни проекти имам во Турција, Србија, Унгарија, Јужна Кореја…


Разговараше: Александра М. Бундалевска

Поврзани вести