
Претставата „Куршуми над Бродвеј“ премиерно ќе биде изведена на 18 октомври во Драмскиот театар. Претставата е работена според текстот на Вуди Ален и Даглас Мекграт, а адаптацијата и режијата е на Ненад Витанов.
Во претставата играат 15 актери, 13 од Драмскиот театар и двајца студенти од Факултетот за драмски уметности (ФДУ), Игор Стојчевски, Јована Спасиќ, Сашо Тасевски, Јелена Жугиќ, Александра Павлова-Бубања, Роберт Вељановски, Александар Степанулески, Предраг Павловски, Калина Наумовска, Златко Митрески, Дениз Абдула, Ања Митиќ, Игор Георгиев, Мартин Мазнев и Енис Билаловиќ.
Сценографијата на Валентин Светозарев, костимите на Елена Вангеловска, а сценските движења се на Маја Каревски.
Особено драго ми е што на сцената на Драмски театар повторно ќе играат актери кои подолг период не биле застапени на реперторот. Покрај естетските вредности и квалитети на оваа претстава, има и нешто малку повеќе од тоа. Неколку актери повторно ги актуелизираме на репертоарот на Драмски, кажа на денешната прес-конфренција директорот на Театарот Роберт Вељановски кој е дел од актерите кои играат во „Куршуми над Бродвеј“.
Режисерот Витанов кажа дека ништо не е интервенирано во текстот.
Ова е претстава за непринципиелната коалиција меѓу мафијата и уметноста. На сцената се судруваат световите на актерите, авторите, режисерите и гангстерите – секој со своја вистина, секој со своја цена. Оваа претстава е театарски манифест. Манифест на театарот како храм и пазар, како сон и компромис, како место каде што секоја реплика е куршум – способен да погоди срце, да уништи или да спаси“, вели Витанов.
Претставата трае 2 и пол часа со една пауза.
Се работи за многу шармантно, луцидно, духовито, забавно дело, кое актерите и соработниците во претставата го изнесоа на едно високо ниво, додаде Витанов.
Репризата на „Куршуми над Бродвеј“ е на 22 октомври, а трета изведба ќе биде на 27 октомври на фестивалот на Регионалната унија на театрите РУТА, што годинава ќе се одржи од 25 до 31 октомври во Драмски театар Скопје.