
Драмски театар Скопје првиот дел од сезоната во која ја прославува 80-годишнината од постоењето, ја заокружува со изведба на претставата „Чудесна терапија“ денеска (вторник) во 21 часот на отворено во центарот на градот. Граѓаните и посетителите на главниот град претставата ќе може да ја гледаат бесплатно на локацијата на малиот амфитеатар во комплексот на спомен-куќата на Мајка Тереза на улица „Македонија“ во Скопје.
„Чудесна терапија“ е работена по текст на авторот Даниел Глатауер. Режисер е Димче Николовски, драматург Александра Бошковска, костимограф е Раде Василев.
Улогите ги играат актерите на Драмски театар: Предраг Павловски, Маја Вељковиќ-Пановска и Соња Стамболџиоска.
Претставата премиерно е изведена во мај 2019 година и до сега има 55 изведби од кои десетина гостувања биле на театарските фестивали во Македонија и во земјите од регионот. Поради универзалноста на темата и бравурозната изведба на актерската екипа, комедијата има одличен прием и актерите добиваат силни аплаузи како израз на задоволство на театарската публика.

Македонски



