
Во просториите на Македонскиот културно-информативен центар во Софија, во рамките на одбележувањето на 20-годишнината од неговото основање, се одржа книжевниот портрет посветен на еден од најзначајните современи македонски поети – Славе Ѓорѓо Димоски. Така што убаво и гордо звучеше нашиот убав македонски јазик. Настанот привлече љубители на поезијата, книжевни познавачи и пријатели на македонската култура, кои имаа можност да се запознаат подлабоко со поетскиот универзум на овој извонреден автор. Во рамките на настанот, за творештвото на Димоски зборував јас, при што се обидов да ја доловам суштината на неговиот уникатен поетски израз. Го нареков: принцот на рефлексивната поезија, и тоа не случајно. Ако за Радован Павловски велиме дека е принцот на метафората, алхемичарот што од зборот создава вселени исполнети со симболи и архетипски длабочини, тогаш Димоски е неговиот духовен пандан: поетот на тишината, на суштината, на молитвениот стих што ги отвора вратите кон внатрешното.
Димоски е автор со редок поетски сензибилитет и јазична строгост. Од неговата прва збирка „Гравири“ па сè до најновата, тој покажува доследна, но секогаш нова лирска потрага. Кај него, ниту една книга не е продолжение на претходната – секоја е самостојна поетска целина, со јасно препознатлива естетска и филозофска визија. Неговата поезија е борба со самите граници на јазикот, но и чин на духовно прочистување. Тој не пишува многу, а тоа не е од случајност – тоа е поетика на одговорност, на внатрешна дисциплина. Неговата кратка форма содржи длабоки слоеви значења. Критичарите со право ја опишуваат неговата поезија како рез во јазикот. Една слика кај него не е украс, туку згуснат јазол од симболички и архетипски значења. Во поезијата Димоски оди дотаму што го изедначува зборот со животот – јазикот станува леб, а лебот – поетска материја. Тоа не е само книжевна игра, туку филозофска и онтолошка изјава. Поезијата тука не е средство за убав израз, туку чин на создавање свет, чин на постоење. Во таа смисла, Димоски не е само поет, туку и еден вид современ мистик, кој низ стихот го преосмислува односот помеѓу човекот и зборот.
Особено вреден сегмент на вечерта беше можноста македонската поезија да се слушне и на бугарски јазик. Препејувачот Роман Кисјов и поетесата Поли Муканова со голема чувствителност интерпретираа избрани стихови од Димоски, пренесувајќи го неговиот поетски дух на бугарската публика, а со тоа покажаа дека творештвото на Славе Ѓорѓо Димоски одамна го надминало локалниот контекст. Всушност, преку нивниот глас, неговата поезија уште еднаш ја потврди својата универзалност и вкоренетост во човечкото.
Настанот во Македонскиот КИЦ во Софија не беше само чествување на еден поет, туку и потсетник на значењето на книжевната длабочина во време на површност. Поезијата на Димоски стои како молк што говори, како сведоштво за тоа дека вистинската уметност не се мери со количество, туку со интензитет на духовното сведување. Потоа во знак на признание за нивниот придонес во приближувањето на културите и градењето книжевни мостови помеѓу Македонија и Бугарија, на крајот на настанот беа доделени Благодарници „Мостови на културата“ на поетот Славе Ѓорѓо Димоски и на преведувачот и поет Роман Кисјов. Така што со еден збор може да се каже дека: Славе Ѓорѓо Димоски не е само поет – тој е ехо на духот.