Skip to main content

Кинотека ги доби на чување дел од наградите и признанијата на култниот режисер Кирил Ценевски

Семејството на режисерот ги предаде на чување и изложување дел од наградите и признанијата кои режисерот ги доби во текот на својата извонредна авторска кариера. Наградите и признанијата на Кирил Ценевски се изложени во фоајето до киносалата на Кинотеката, онаму кадешто Ценевски припаѓаше – блиску до филмот и публиката.

Имено, посетителите на Кинотеката на Македонија ќе имаат можност да ги видат следниве награди и признанија: Златна арена за режија добиена на Филмскиот фестивал во Пула (1971); награда „Жар птица“ за најдобар режисер дебитант на Меѓународниот филмски фестивал во Москва (1971); признание од Американската академија за филмски уметности и науки, Лос Анџелес, САД, за „Црно семе“- југословенски кандидат за Оскар за најдобар филм од странско говорно подрачје (1972); специјална награда од жирито на Меѓународниот филмски фестивал во Карлови Вари за филмот „Јад“ (1976); награда C.I.D.A.L.C. од Меѓународниот комитет за промоција на уметноста и книжевноста преку филм, доделена за филмот „Оловна бригада“ (1980); како и двете признанија кои Ценевски ги доби за животно дело – „Златен објектив“ за исклучителен придонес во македонската кинематографија, доделен од Кинотека на Македонија во 2013 година и прв добитник на „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, од Друштвото на филмските работници на Македонија, доделена на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, Битола во 2013 година.

Кирил Ценевски, македонски режисер и сценарист, е еден од најнаградуваните филмски автори во историјата на домашната кинематографија. Студирал на Архитектонскиот факултет во Скопје, а со киноаматеризам се занимавал уште во студентските денови. Во 1983 година завршува постдипломски студии на Универзитет Јужна Калифорнија, Факултетот за филм и телевизија, Лос Анџелес, САД (University of Southern California – School of Cinema and Television).

Прв пат професионално е ангажиран на игран филм како асистент на режија во филмот „Цената на градот“, (Љубиша Георгиевски, 1970), а веќе со својот прв игран филм „Црно семе“, (1971) го привлекува вниманието на критиката и филмската јавност. Следуваат играните филмови „Јад“ (1975), „Оловна бригада“ (1980) и „Јазол“ (1985), документарните филмови „Џафра“ (1978) и „Хуаскаран – Анди’82“ (1984), како и поетските портрети на добитниците на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата, Леопoлд Седар Сенгор, Фазил Хисни Дагларџа, Еугенио Монтале, Рафаел Алберти и Ежен Гилвик, реализирани помеѓу 1975 и 1979 година.

„Кирил Ценевски по многу параметри е единствена појава во македонската кинематографија. Уште со првиот филм, „Црно семе“, ги освои не само најпрестижните награди на фестивалите во СФР Југославија, туку е и прв македонски игран филм кој учествувал и бил наградуван на интернационални филмски фестивали. Го нарекуваа бунтовникот на македонската кинематографија, човекот кој помести многу граници во филмската уметност и ги надмина современиците…“ ќе биде изнесено во медиумите по повод неговото заминување во 2019 година. Истата година, Кинотеката го промовираше и ДВД изданието со дигитално реставрираните четири играни филмови на Ценевски.

Поврзани вести