Skip to main content
4FSkRpog9qk

Како снимателот Јован Лесански стана Дедо Мраз: Уживам кога и на децата и на возрасните ќе им го разубавам денот

Оваа година на сите граѓани им посакувам благосостојба, повисоки плати и пензии, за младите вработување и подобро образование, вели нашиот Дедо Мраз кој ужива во оваа улога бидејќи како што вели му се радуваат и децата и возрасните.

Дедо Мраз е најомилениот лик во овој период од годината. Снимателот Јован Лесански стана Дедо Мраз пред 30 години кога морал да му помогне на својот колега кој од оправдани причини не можел да дојде на снимање со дечиња за Нова година, а костумот и целата опрема останале кај Лесански и тој ја презел неговата улога на Дедо Мраз и ја спасил ситуацијата. Од тогаш  Лесански мошне успешно и одговорно секоја година ја врши функцијата Дедо Мраз.

Бил Дедо Мраз во многу градинки, училишта, игротеки, Домови за стари лица, Дом за деца без родители, на Детската клиника…

Децата, вели, имаат најразлични желби: компјутери, кукли, облека, велосипеди, некои сакаат да патуваат во вселената, некои му бараат братче или сестричка, некои сакаат вистински диносаурус да го чуваат во дневната соба, но само децата од Детската клиника имаат една желба: да оздрават!

Ме прават среќен сите средби со децата бидејќи тие веруваат во магијата на Нова година и Дедо Мраз. Пред повеќе години ме натажи едно девојче од Домот за деца без родители кое имаше 6-7 години и кога ми се доближи ми шепна: Дедо Мраз јас сакам во новата година да направиш да дојде мојата мајка, ама вистинската. Не сакам ниту пакетче, ниту кукли, ни облека, ни нови чевли. Само мајка ми да дојде. Е тука бев немоќен. Не знам дали нејзината мајка некогаш ќе дојде кај неа. Не знаев што да и кажам, ниту што да и ветам, вели Лесански.

Подготвија:

новинар: Невена Поповска

фото/видео: Александар Ивановски

монтажа: Александар Арсовски

Поврзани вести