Skip to main content

Изложбата „ Наследство од вечната љубов”на младите уметници Јана Тодорова и Софија Тодорова во ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп

На 24 јули 2025 / четврток/ од 20.00 часот во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“  ќе биде отворена изложбата „ Наследство од вечната љубов”, прва изложба на младите уметници Јана Тодорова и Софија Тодорова.

Детската креативност, со својата безрезервна природа, создава чувство на бескрајна радост. Свежината и талентот со кои децата создаваат уметност постојано инспирира и восхитува. Во делата на младите уметници Јана и Софија Тодорови, со прилепско потекло, јасно се гледаат слободната ликовна игра и нивната раскошна имагинација.
Јана Тодорова е родена во 2012 година во Скопје. Таа е ученичка во ООУ „Петар Поп Арсов” во родниот град. Јана активно учествува на бројни ликовни натпревари и конкурси во нејзиното училиште, каде во VI одделение освоила прво место.
Во творештвото на Јана Тодорова се забележува наклонетост кон апстракцијата. Нејзините дела се одликуваат со раскошна сликарска палета. Експресивниот карактер на нејзиното богато ликовно изразување открива вешта употреба на линијата во различни големини и насоки, карактеристични текстури, разновидни форми и исклучително чувство за боја. Покрај експресивните апстракции, во нејзиното творештво се вклучени и пејзажи кои покажуваат извонредно познавање на перспективата, функцијата на бојата, како и употребата на текстурата.
Софија Тодорова е родена во 2015 година во Скопје. Таа е ученичка во ООУ „Петар Поп Арсов” во Скопје, каде активно учествува на ликовни натпревари. Во II одделение, Софија го освоила првото место на училишниот ликовен натпревар.
Ликовниот израз на Софија Тодорова се истакнува со моќен експресивен потег и живописна колоритност. Нејзиниот апстрактен јазик содржи разновидни линии, форми со различни големини и впечатлив спектар на бои. Во нејзините композиции, динамичните сликарски потези создаваат релјефна структура на површината на платното. Софија поседува исклучително чувство за употреба на бојата, што јасно се гледа во нејзините колористички интервенции.
Безбројни емоции извираат од богатото колоритно творештво на сестрите Јана и Софија, изразени преку бојата и движењето на линијата. Овие емоции потекнуваат од нивната длабока потреба за постојано уметничко создавање. Во сликарскиот опус на Јана преовладува асоцијативната апстракција, додека во ликовното творештво на Софија доминира апстрактната експресија. Нивните апстрактни композиции, збогатени со искрени детски радости, сведочат за исклучителен уметнички талент наследен од вечната љубов – вели м-р Викторија Димеска, историчарка на уметност. 

Поврзани вести