
На 4 јули (петок) од 20 часот во Ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе биде отворена изложбата „Живи артефакти(ар)тистика“ од уметникот Филип Јовески. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам.
После успешното претставување во Културно-информативниот центар на Министерството за култура и туризам во Белград, Србија, прилепскиот мултимедијален трансдисциплинарен визуелен уметник М-р Филип Јовески, својата 12 – та самостојната изложбата насловена Живи артефакти – (АР)тистика ја носи дома, во ликовната галерија на НУЦК „Марко Цепенков“.
На оваа повеќе-димензионална, интерактивна и мултимедијална интервенција во простор, презентирани се уметнички дела инспирирани од нашето богато материјално и нематеријално културно наследство, како и од мотивите на македонските народни носии. Изложба во која се среќаваат традицијата, технологијата и новите медиуми. Делата се транс-дисциплинарни, и меѓусебно поврзуваат повеќе уметности: архитектура, скулптура, музика, филм, дигитална анимација, поезија и визуелна уметност. Тие се претставени на повеќе нивоа на реалност: едно е физичкото кое го гледате веднаш штом застанете пред делото, а другото е виртуелно (дигитално) – кое можете да го видите со помош на апликација на вашиот мобилен телефон. Во истиот момент, двете дела ги гледаме паралелно на истото место, надредени, но во сосема различни реалности (физичка и виртуелна). Во тој момент, визуелниот код се претвора во дигитален код кој, пак, се претвора во информација која е визуелна и аудитивна. Концептуално, изложбата претставува продолжение на првонаградените мултимедијални дела од последното издание (2024 година) на реномираното и во светски рамки познатото Остен Биенале. Употребата на аугментирана реалност (AР) со цел да се претстават нови светови ја прави презентацијата на делата инклузивна и интерактивна. Таа го збогатува корисничкото искуство и ја претвора непосредната околина во интерактивна средина – вели уметникот Јовески.