
Во галеријата на Македонскиот културен центар во Њујорк денеска ќе биде отворена изложбата „Сенки“ (2025) на уметникот Стојан Павлески.
Проектот „Сенки“, е конципиран како колажна инсталација, која ги илустрира некогашните глорификации на идеолошката смисла на војувањето, наспроти сегашните бесмислени подвизи од името на новиот поредок, истиснувајќи го човекот од времето кое го живее. Концептот на „Сенки“ произлегува од потребата на современото општество да се одговори на прашањето за смислата на човековото позиционирање во апокалиптичните сценарија на денешницата. Живеејќи во време на технолошка револуција и предоминатна индустриска експанзија, каде трговските војни и акумулацијата на капиталот стануваат врвен приоритет, проектот суштински го адресира прашањето за човековиот опстанок, оставен на сопствените инстикти и можеби принуден на паравоено преживување.
– Фрагментираните фотографии со воени сцени како фризови од новите пантеони на моќта и цртежите од повоениот период се судираат во концептот на Демначот на крајот соочен со псевдопотентноста на времето кое го живее. Апроприираните цртежи се критички реанимации со реконтекстуализарана порака во време кога симболиката се консумира побрзо отколку што се разбира. Нивната корелација со пластичните играчки војници и осамениот Демнач, го изнесува на површина прашањето: Што е она што се задржува на периферијата на колективната свест и дали овие духови на отпорот ги фрлаат своите сенки низ генерациите?, вели авторото Павлески.
Изложбата ќе биде отворена до 27 јуни.
Стојан Павлески е роден во 1976 година во Скопје. Дипломирал на Архитектонскиот факултет и на Ликовната академија, оддел сликарство, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Учествувал на повеќе групни ликовни изложби во земјава и во странство. Aвтор е на проектот„Ничија земја“ (2016), претставник на 15-то Биенале на архитектура во Венеција.