Skip to main content

Изложба „Пејзаж“ од Дејан Иванов – Маргуш во Градски музеј Крива Паланка

Општина Крива Паланка

Триесетина дела од академскиот сликар Дејан Иванов-Маргуш, учесник на годинашната Меѓународна ликовна колонија „Св.Јоаким Осоговски“, се поставени во уметничката галерија на ЛУ „Градски музеј“, Крива Паланка.

Изложбата беше отворена синоќа, како дел од “Кривопаланечко културно лето”, во рамки на воспоставената соработка помеѓу музејот и колонијата, којашто, според директорот на ЛУ Градски музеј отпочнала минатата година и се испоставило дека е неминовна. Имено, поради фактот што во рамки на колонијата се креира еден богат фонд на уметнички дела и учеството на врвни автори кои се дел од едно неделно уметничко вдахновение во манастирот, само по себе генерира една ваква симбиоза.

Маргуш е познат во уметничката јавност по специфичниот ликовен јазик и тематика, со одредени варијации. Пејзажот е главен мотив, тематски сеприсутен на неговите платна, што произлегува од неговиот восхит и длабока поврзаност со природата. Некои од делата се исполнети со колоритни и тонски сплетови, сугерирајќи блесок, пукање на зората. Зраците светлина се во костец со темнината, колоритот со безбојноста, испреплетени се горчивото и слаткото, светлото и темното, сѐ до моментот на поврзување на микро космосот со макро космосот во секое негово дело, вели Ѓорги Костовски, историчар на уметност во Градскиот музеј, куратор на изложбата.

Маргуш е еден од најчестите учесници на Меѓународната ликовна колонија  „Св.Јоаким Осоговски“. Роден е во Скопје,1979 година, дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во 2005 година, во класата на проф. Јован Шумковски и проф. Рубенс Корубин. Работи витражи и мозаици. Член e на ДЛУМ од 2005 година.

Досега имал дваесетина самостојни изложби во повеќе градови низ Македонија, а се претставил и во Бугарија и во Германија. Учесник е на сите изложби на ДЛУМ од 2005 година до денес, а бил дел и од повеќе групни претставувања на творештвото на македонски автори.

Добитник е на наградите „Димитар Пандилов“ во 2012 година на изложбата „Мал формат“ на ДЛУМ, „Мал формат“ во 2020 година и „Константин Мазев“ на КИЦ за дело изложено на „Мал формат“ во 2021 година. 

Поврзани вести