
На трети април (петок) од 19 часот во Ликовната галерија на Центарот за култура ,,Марко Цепенков“ во Прилеп ќе биде отворена изложбата ,,Од Утопија до Ентропија 83/26“ од уметникот Златко Крстевски, на која ќе бидат претставени 30 слики масло на платно. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам.
Изложбата е пресек на согледување и преиспитување на пејсажната архитектонска форма како бришење од природните еколошки топоними. Од надреални утописки форми до деструкција, уништување на природата… Визуелно согледување е на климатски промени како културни промени.
Климатските промени се еден од најголемите предизвици со кои се соочува човештвото денес и претставуваат фундаментален политички, економски, еколошки и социо-културен предизвик, што ги засегнува сите: Ние мора да реагираме сега, заедно и на поинаков начин. Секој од нас мора да го преиспита начинот на кој живее, што конзумира и да размислиме каков свет сакаме да оставиме за нашите идни поколенија. На национално ниво, креаторите на политики треба да изнајдат начини за промовирање на одржлив економски развој, кој ке помогне во креирање на работни места и истовремено ќе придонесе за редуцирање на емисиите на јаглерод диоксид. И на глобално ниво, меѓународните лидери треба да се согласат на праведна, ефективна и амбициозна рамка за значително намалување на емисиите на јаглерод диоксид. Во суштина, климатските промени повикуваат на културни промени. Тоа е главна тема на оваа изложба. Преку своите дела охрабрувам да развиеме нова свест и да го промениме начинот на кој се согледуваме себе си и светот. Покрај зголемувањето на свесноста и поттикнувањето дебата, исто така повикувам да реагираме. Навидум, климатските промени се проблем на иднината , но иднината се оформува во сегашноста .Затоа, сите ние треба да реагираме сега – вели уметникот.
Златко Крстевски покрај со сликарство се занимава и со авторски стрип, карикатира, мејл-арт. Учесник е на сликарски колонии, симпозиуми, изложувал во Полска , Тунис , Турција ,Словенија, Украина, Србија и др. Земји. Добитник е на меѓународни награди за сликарство во Тунис, Кореа, Словенија, за цртеж : Кина, Турција , Кореа….

Македонски


