Skip to main content

Изложба на Славко Јаневски во Брисел

Во рамките на одбележувањето на Денот на македонскиот јазик, односно на 80-годишнината од прогласувањето на македонската азбука, во вторникот во македонската амбасада во Брисел се отвори изложба на ликовни дела на Славко Јаневски, истакнат македонски раскажувач, романописец, поет, филмски сценарист, есеист и сликар. Станува збор за двесетина слики, масло на платно, во мал формат кои беа изложени пред очите на стотината посетители на овој настан.

Изложбата ја отвори архитектката Јана Јаневска Терзиоска, ќерка на Славко Јаневски, која при тоа го прочита кусото излагање на Ѕвездан Георгиевски, извршен директор на Фондацијата „Славко Јаневски“.

Георгиевски во своето обраќање, меѓу другото, вели:

„Постојат луѓе без јазик, но не постои јазик без луѓе. Постојат мислења без јазик, но не постои јазик без мислење. Новороденчињата, малите бебиња, не го знаат јазикот, а сепак мислат. Јазикот не е органска материја, тој се учи. Јазикот е конструкт, човечка измислица за полесно разбирање меѓу луѓето. Творецот на модерната лингвистика Фердинанд де Сосир рекол дека сѐ додека се разбираме зборуваме правилно. Кога нема да се разбереме, зборуваме погрешно“. И додава: „Им верувам на учените кога велат дека јазикот е најважниот пронајдок на човекот. Многу поважен од тркалото, на пример. Или од било која технолошка револуција. Јазикот не служи само за комуникација, туку тој го осмислува, обмислува и го формира човекот. Без него нема напредок и без него не постојат ниту автомобили или компјутери. Тој е содржина без која не можеме ниту да се осмислиме, ниту да егзистираме. Тој е една од ретките човечки конструкции што има органски квалитети: живее самостојно, се развива, но и – умира“.

фото: Фондација „Славко Јаневски“

Осврнувајќи се на заштитата на јазикот, тој вели: „Како тогаш да го чуваме јазикот? Така што ќе го зборуваме, ќе го збогатуваме, ќе го оплеменуваме. Да, но најдобро ќе го сочуваме така што ќе ги чуваме луѓето, неговите говорители“.

фото: Фондација „Славко Јаневски“

Се разбира, се осврнува и на делото на Јаневски: „Славко Јаневски, преку јазикот што континурано го облагодоруваше, не се градеше само себеси и својата смисла, туку нѐ градеше сите нас и нашите мисли. Но, Јаневски знаеше и една друга многу важна работа. Знаеше дека не сѐ може да се изрази со зборови. Тој, ако можам така да кажам, беше своевиден уметнички и интелектуален полиглот. Она што не можеше да го изрече, го кажуваше преку филмот и сликарството“.

Музичкиот дел го осмисли „Љубојна“, стихови од Славко Јаневски и Блаже Конески читаа Лабина Митевска и Маја Дамјановска Момироска.

Поврзани вести