Skip to main content

Изложба на Марија Трпеска „Арте(фициелни)факти во проширена реалност“ во Прилеп

На 16 април (среда) од 18 часот во Ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата „Арте(фициелни)факти во проширена реалност“ од уметницата Марија Трпеска. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам во програмата за 2025 година.

Проектот „Арте(фициелни)факти во проширена реалност“се фокусира на Ромите и ромската култура, стереотипите поврзани за Ромите и колку се тие прифатени и видливи во општеството како рамноправни граѓани во нашата држава. Работејќи со нив, она што можев да го искусам е дека иако можеби кај нас со закон се утврдени нивните права како етничка заедница, сеуште секојдневно се жртви на дискриминација, расизам, говор на омраза и повреда на човечкото достоинство не добивајќи еднаков третман во општеството во однос на останатите етнички заедници коишто живеат во нашата држава.Оваа отфрленост и нееднаквост може да се забележат во различни аспекти од нивниот живот, вклучувајќи го пристапот до образование, здравство, вработување и социјални услуги. Еден од најголемите предизвици е токму нивната невидливост и маргинализација во општеството, што дополнително ги комплицира нивните обиди за интеграција и еднаков третман. Имајќи го во предвид фактот дека ромската заедница има само нематеријално културно наследство, проектот почна да се развива комплексно и ми го отвори главното прашање за тоа како да се создаде продукција која ќе зборува за афирмација и прифаќање на различноста на Ромите како заедница, без обид за „еманципација“ или реобликување на наративите за нивната не толку наклонета судбина низ историјата и нивниот рецентен живот; како да се создаде поинаква реалност од онаа што претставува стереотип за Ромите и нивниот начин на живеење.

Од етички аспект, истражувањето е водено од принципите на репрезентативна правда, односно правото на заедниците да бидат претставени на начин што ја рефлектира нивната реалност и нивните перспективи. Во процесот на собирање податоци и создавање на дигитални артефакти, главен приоритет беше да се избегне екплоатација на заедницата или сензационализирање на нејзините предизвици. Наместо тоа, се избра пристап кој ја нагласува агендата на поединците и заедницата – нивната историја, нивната борба за права и нивните креативни можности.

Проектот „За сите засегнати: Арте(фициелни)факти во проширена реалност“ е резултат на мултидисциплинарен пристап кој ги комбинира дигиталните технологии, уметничката практика и општествено ангажираната истражувачка методологија. Истражувањето се потпира на концептот на културно мапирање, каде што симболите, наративите и дигиталните артефакти се користат за да се постават нови културни обележја на мапата на јавната меморија. Во овој процес, методологијата вклучува анализа на постоечките стереотипи и репрезентации за Ромите, но и активно создавање на нови прикази кои ја преиспитуваат оваа реалност. Мотивацијата за ова истражување произлегува од потребата за преосмислување на сликата за ромската заедница, која честопати е сведена на маргинални или негативни претстави. Наместо да се прифати постојниот статус кво, проектот има за цел да отвори нов простор за размислување и перцепција – преку проширена реалност, дигитални медиуми и автономни платформи кои го надминуваат традиционалниот галериски и институционален простор. На овој начин, тој создава нови точки на видливост за заедницата и нејзините членови, во контекст кој не е контролирано дефиниран од надворешни фактори – вели уметницата.

Поставката ја сочинуваат видеа, фотографии и објекти, реализирани со соработници и ко-автори на проектот кои ја доловуваат проширената реалност која не е стереотип за Ромите и ромската заедница, напротив, уметничката продукција ќе се обиде да ја претстави онаа страна на заедницата на која многу малку и се обраќа внимание: успесите, заложбите, изминатиот пат во борба со системот и надежта за подобро утре.

Марија Трпеска дипломирала на ФЛУ Скопје во 2017 година отсек ликовна педагогија со сликарство. Во моментот е на постдипломски студии на ФЛУ Скопје – отсек сликарство. Нејзината уметничка работа има интердисциплинарен карактер. Третира социјални теми и преку нејзините дела дава на значаење на личности или групи кои се поврзани со уметноста, потенцирајќи ја нивната уникатност, важност и улога во општеството. Добитник е на наградата „Четирите мајстори на модернизмот“ во 2017 година.

Поврзани вести