Skip to main content

Изложба на Горан Ристовски „Премин“ во „Марко Цепенков“ во Прилеп

Изложбата „Премин“ на Горан Ристовски ќе биде отворена утре, на 17 октомври во 19 часот во Ликовната галерија „Марко Цепенков“ во Прилеп.

Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам.

Преку фотографскиот израз изложбата со наслов „Премин“ ја прикажува безвременската привлечност на водата, доловувајќи ја нејзината сила, мистерија и непоколебливо присуство. Апстрактни и минималистички по природа овие фотографии овозможуваат отворена интерпретација, давајќи му простор на гледачот да ги проектира сопствените емоции, мисли или сеќавања. ПРЕМИНувањето на водата- брановите од една форма кон друга, преобразување во поинаква состојба, нејасна, несигурна и неизвесна, метафорично крои приказна за индивидуата и човештвото. Брановите може да ги симболизираат животните предизвици, концептот на издржливост или минливата природа на постоењето. Поттик на размислување за непредвидливата природа на водата – сила која е и убава и понизна.

…Фотографиите освен романтичарскиот визуелен впечаток тие се ехо кое упатуваат кон еколошките предизвици на загадување, климатски промени и човечко занемарување, прикажувајќи ја моќта и тежината на водата – темната, немирна површина како симбол на нарушената рамнотежа помеѓу човекот и природата.

Ристовски е ликовен уметник кој живее и работи во Струга, дипломирал 2009 на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсек графика. Учествувал на повеќе проекти и групни изложби во Македонија и надвор. Самостојно има изложувано во Струга, Скопје, Куманово, Охрид, Велес, Ниш, Берлин. Неговата уметничка практика е во полето на цртежот, графиката, сликарството, фотографијата, муралот. Работи како професор по Ликовна уметност, еден е од основачите и членовите на здружението ИНКА од Струга и активно учествува на проекти од областа на културата.

Поврзани вести