Вечерва во 20 часот во Македонската филхармонија Националниот џез оркестар (НЏО) ќе одржи концерт Golden Rock Swings на кој ќе настапат како солисти Бранислав Николов (Фолтин, Пијан славеј), Џон Илија Апелгрин и Светлана Јовановска. Секој од нив ќе испее по четири песни од албумот на Енка. Диригент е маестро Џијан Емин. Ќе бидат изведени легендарни рок композиции во џез аранжмани.
Станува збор за албумот Rock Swings на легендарниот музичар Пол Енка. Тоа се хитови од 80-тите и 90-тите години на минатиот век.
Според Гоце Стевковски, директор на Националниот џез оркестар, идејата за овој концерт е од поодамна.
Ќе биде нешто ново, нечуено на овие простори. Пејачите, односно солистите кои ќе настапат се посебни, секој со својот карактер, и намерно беа одбрани за овој концерт. Концертот ќе биде гламурозен, со прекрасни аранжмани и прекрасни солисти, најави Стевковски.
Од НЏО велат дека саботната вечер ќе биде исполнета со енергија, страст и музичка мајсторија која публиката ќе ја остави без здив.
Не пропуштајте ја оваа можност да бидете дел од музичкиот спектакл кој ќе ги обедини љубителите на рокот и џезот. Дојдете и уживајте во звуците на „Golden Rock Swings” и дозволете музиката да ве понесе на едно незаборавно патување, порачаа од Националниот Џез оркестар.