Skip to main content

„Флора-Фауна-Покриви/Пирх-Лајрер-Пирх“ – изложба на современи австриски уметници денеска во Чифте амам

Во Чифте амам вечерва ќе биде свечено отворена изложбата на современи австриски уметници „Флора-Фауна-Покриви/Пирх-Лајрер-Пирх“, во организација на Националната галерија на Република Македонија и Амбасадата на Република Австрија во Република Македонија.

На изложбата ќе биде претставено современото австриско сликарство инспирирано од пејзажи, урбани мотиви, флора и фауна. 

На отворањето на изложбата ќе се обратат директорот на Националната галерија, Али Синани, кој ќе се осврне кон соработката на Националната галерија и австриската амбасада во Република Македонија. Потоа, за творештвото и инспирациите ќе зборува уметникот Харо Пирх или кураторот Герхард Алтман. Обраќања ќе имаат и министерот за култура и тѕризам Зоран Љутков, Н.Е. Мартин Памер, амбасадор на Република Австрија во Македонија.

На изложбата ќе бидат претставени дела од австриските уметници Харо Пирх, Констанце Пирх и Манфред Лајрер, чии уметнички дела нудат современ поглед кон природата, животинскиот свет и просторот што нè опкружува. Изложбата ги обединува трите различни, но меѓусебно поврзани уметнички визии на авторите, кои со години се дел од уметничката традиција на Рабницталските сликарски недели – во покраината Бургенланд, Австрија.

Во фокусот на поставката се три тематски линии што ја дефинираат и нејзината насловна структура. Констанце Пирх се посветува на флората, истражувајќи ги растителните форми и нивната декоративна и симболична вредност преку колоритни и геометриски композиции. Манфред Лајрер во своите дела ја истражува фауната и руралниот свет, инспириран од животните и природата на бургенландското село. Харо Пирх, пак, се претставува со своите препознатливи пејзажи и архитектонски композиции, во кои покривите и урбаните структури создаваат специфични визуелни хоризонти.

И покрај нивната стилска различност, делата на тројцата уметници се поврзани преку заедничко уметничко потекло, долгогодишна соработка и заедничко разбирање за значењето на природата, просторот и секојдневниот живот како инспирација за современото сликарство.

Изложбата претставува уште еден значаен културен настан што ја продлабочува соработката меѓу Австрија и Македонија, реализиран со поддршка на австриската амбасада во Скопје, Националната галерија, како и партнерите и спонзорите на проектот: Министерство за култура и туризам на Република Македонија, Prime Moving, Casinos Austria International Macedonia.

Поврзани вести