Skip to main content

Филмот „Црно семе“ во Кино Браќа Манаки Битола по повод истоимената премиера во Битолски театар

Кино Манаки

Културен и информативен центар – Битола се вклучува во кампањата за промоција на премиерата на претставата “Црно семе” во продукција на НУ Народен Театар Битола и за таа цел на 14 и 15 април со почеток во 19 часот во Кино Браќа Манаки Битола ќе го проектира истоимениот култен македонски филм работен според сценарио на Ташко Георгиевски и Кирил Ценевски “Црно семе”.
Битола живее со животните приказни на Доне, Христо, Парис, Марко, со тешката судбина на нашите Македонци од Егејска Македонија.

Дејството е лоцирано во времето на Граѓанската војна во Грција (1946) кога припадници на кралската грчка војска, во чиј состав влегуваат и Македонците од Егејска Македонија, под обвинение дека се комунисти и непријатели на кралска Грција, се казнуваат со упатување во логор на пуст остров. Поради своите убедувања и етничкото потекло, некои од нив ги совладуваат сите тешкотии, задржувајќи го своето човечко достоинство. Други, пак, не успеваат во тоа, и наместо очекуваниот спас, доживуваат целосен морален пад.

Од многубројните домашни и меѓународни награди за филмот, најзначајна е Златната арена во Пула. Во филмот нема музика, иако за истиот ја направил композиторот Илија Пејовски.имено

Конечното решение било на одјавната шпица да оди песната ‘Со маки сум се родила’. На една затворена проекција пред премиерата, Ценевски забележал дека некој во публиката пролеал солзи и децидно побарал да се исфрли музиката. Рекол ‘Не сакам да се плаче на мојот филм’. Така ‘Црно семе’ остана без ниту една нота. Музиката во ‘Црно семе’ ја правеа птиците, брановите и тишината“.

Филмот е снимен во 1971, а во 2019 кинотеката на Македонија  ги прикажа четирите играни долгометражни филмови на режисерот Ценевски кои дигитално ги реставрираше и ги објави во комплет на ДВД. Ценевски беше првиот добитник и на наградата „Големата ѕвезда на македонскиот филм“, награда што ја воспостави Друштвото на филмските работници и ја доделува на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола.

Во филмот играат: Дарко Дамески, Ацо Јовановски, Ристо Шишков, Мите Грозданов, Ненад Милосављевиќ, Воја Мириќ, Павле Вуисиќ, Вукан Диневски.

Влезниците во киното Браќа Манаки се бесплатни.

Премиерата на претставата „Црно семе“ во Битолскиот театар е на 16 -ти април и е целосно распродадена.

Поврзани вести