Наградата за најдобар прозен дебитантски ракопис „Новите!“ годинава ја доби Ениз Хилми за збирката раскази „Градот што не го засакав на прва“.
Ениз Хилми е родена во Охрид, таму учела основно и средно образование. Студирала во Истанбул. Работела 13 години во три македонски министерства во Скопје. Еден претпрвомајски ден ја земала ташната и дала отказ. Живее на релација Охрид – Берлин, виа Скопје.
За самиот ракопис авторката вели: „Поттикот за пишување на овие „берлински раскази“ е поврзан со моите чести и долги престои во Берлин. Одушевеноста ми растеше со секое патување во тој град создаден по човечка мерка, вистински отворен, кој ги почитува и развива различностите. Расказиве се обид и да го документирам малиот приватен живот од почетокот на милениумот, со одредени примеси на фикција.“
Во продолжение го пренесуваме образложението на жирито (во состав: Наташа Атанасова, Елена Митреска и Стефан Алијевиќ) за наградата „Новите!“ во 2024 година.
Годинава најмногу се издвои ракописот „Градот што не го засакав на прва“ од Ениз Хилми. Станува збор за мемоар, односно патописна проза која гравитира меѓу „утописката“ потрага по загубениот југословенски простор и западниот сенс за организирање на времето и просторот, односно животот. Текстот го слави космополитскиот дух на големите градови, Берлин во случајов, каде свој дом изминативе години нашле повеќе од милион доселеници од речиси сите земји на светот. Токму во тој модерен хронотоп на отворената широкоумна метропола нашата авторка стапнува во трагите на бившата ЈУ-република. Тоа воедно ѝ овозможува да направи културолошки рез меѓу западната отворена култура и интернационална заедница, и тукашната балканска, посттранзициски заробена култура.
Одамна е јасно дека носталгијата во модерното време е поширок концепт, кој најмногу се однесува на копнежот за време, а не за простор. Во ракописот на Ениз Хилми се чувствува флуидноста на носталгијата која го опфаќа целиот спектар на концепти, симболи, предмети, звуци, мириси, вкусови, кои ја најавуваат можноста за носталгично чувство.
Во големата, или „само“ добра литература, со носталгијата не се манипулира, таа е индивидуален чин на надминување на болката на времето и неговата минливост. Во добрата литература, „се презема одговорност за своите носталгични приказни“, како што тоа го формулира Светлана Бојм во книгата „Иднината на носталгијата“.
Повеќето сериозни писатели се донекаде носталгични. Во текстот на Хилми југоносталгијата не е застапена на начин кој навестува дека авторката би сакала да го запре времето, ниту дека копнее по минатото како подобро време (и покрај тоа што има такви моменти), бидејќи живоста и динамичноста на напишаното не го дозволуваат тоа, како и начинот на кој авторката навлегува во различно време со посебна одговорност и способност да се видат паралели меѓу различните времиња, со страст, хумор и критичност во однос на секое од нив.
Според типологијата на Бојм, текстот на Ениз не е реставративно носталгичен, туку повеќе рефлексивен. Рефлексивното во расказите на Хилми – сомнежот во секое време, а не идеализирањето на кое било, резултира со автентични и релевантни уметнички вистини. Хилми не ја применува стандардната „капиталистичка“ процедура: некогашната романтична болест да стане извор на реални национални политики кои ја слават индивидуалноста, уникатноста, непроменливоста и, се разбира, секоја сопствена предност и исклучителност пред другите, различните. Хилми им дава подеднаков простор на двата света за кои пишува, ги прикажува и промислува.
Носталгијата започнува како наивна и невина болест. Смешна и симпатична во своите манифестации. Пренесувањето на носталгични чувства во книжевноста е загрозено, речиси неизбежно, од тривијалност, сентименталност, патос, романтична возбуда. И во книгата на Хилми се чувствува закана од наведеното, но во исто време има и многу хумор, иронија и критика, како суштински елементи на модерната литература.
Во книгата „Градот што не го засакав на прва“ се насетува и моментот на „внатрешна емиграција“ која нема никаква врска со татковината или точно определено време; Таа „внатрешна емиграција“ повеќе е светоглед, не политички избор.
Стравот од минливоста е основата на носталгијата. Во „Градот што не го засакав на прва“ не постои потребата да се спречат промените, да се запре времето во кое и каде поединецот се чувствувал најдобро и најбезбедно, без разлика какво тоа време било објективно и колку неволји им донело на другите. Густата и динамична проза на Хилми не дозволува да завладее банализација на носталгијата и текстот да стане стерилен; хуморот го релaксира, а југоносталгичните патувања во минатото се претвораат во симпатични, колоритни, сонливи сцени.
Интересно и парадоксално е тоа што Берлин, а не Скопје или Охрид, во моментите кога е пишуван текстот, служел како генератор на спомени, или, како што вели Угрешиќ, „како идеална монтажна маса за склопување спомени, како совршена рима, како лупа и перспектива, како соодветни очила за читање на југословенската и источноевропската дезинтеграција“.
Хилми, како и речиси многу автори/ки во чии текстови се манифестира носталгичниот момент, сеќавањето го користи како одбранбен механизам, орудие против насилството на заборавот. Југоносталгијата во расказите на Хилми не е ментален супермаркет, листа на мртви симболи, обичен меморандум лишен од емоционална имагинација; напротив, таа е мапа преполна со емотивни и ментални топоси и времиња, симболи и сеќавања до кои брзо се стигнува и кои лесно се отвораат и покажуваат во сета своја бујност и живописност.
Во извесна смисла, текстот на Ениз нè потсетува на тоа дека кризата на капитализмот може да ни помогне да ја ревидираме, односно да ја реконципираме Југославија.
Авторката во одредена мера успева да ја дислоцира носталгијата, што според писателката Светлана Слапшак претставува единствено решение за овој феномен. Она во што сигурно успева е обидот во него да внесе хумор, живост и питорескност кои придонесуваат носталгијата како феномен да не биде загрозена, и таа да не може да ги загрозува другите.
Ваквите дела се важен придонес во линијата на толкување на југоносталгијата, според која овој феномен повеќе зборува за моментот во кој се појавува, отколку за вистинското жалење за минатото на кое се однесува.
Во однос на општеството во кое се појавува, носталгијата е форма на утописки дискурс; кај Хилми зацртаниот идеал се проектира во минатото, наместо во иднината. Оттаму се поставува прашањето: дали секоја политика на надеж во постјугословенски контекст е нужно носталгична, бидејќи е свесна за својата сегашна залудност, дури и одвишност? На ова прашање можеби би можела да се обиде да ни одговори овогодишната добитничка на наградата „Новите!“, Ениз Хилми.
Нам ни останува да размислуваме како би можеле и ние да го приближиме или зајакнеме космополитскиот дух на домашен терен. Можеби токму во таа насока лежи клучот со кој би можеле да се придвижиме кон онаа иднина во која нема да бидеме принудени одново и одново да ја испишуваме поетиката на распаѓањето.
Една од главните одлики на годинешниот конкурс „Новите!” е што дел од пристигнатите ракописи гравитираат околу личното писмо: мемоарот, дневникот, патописот, белешки од денот, контемплации од секојдневието. Повеќе автори/ки ги користат овие мали поинтимни форми за создавање свој текст, но во нив често е забележлива монотоноста и отсуството на фигуративен говор, што знае да биде показател дека на текстовите треба и натаму да се работи за да се добие поголема уметничка тежина. Истовремено, присуството на повеќе вакви текстови е показател дека и нашето поднебје полека се доближува кон популаризирање на автопрозата или автофиктивните форми кои се во подем ако се погледне современата регионална и европска книжевна сцена. Пренесувањето случки од личниот живот во фиктивно или документаристичко писмо почнува да зазема централно место и се чини важно за новите генерации.
Авторите/ките од годинешниот конкурс значително коментираат и пишуваат и за просторот, личниот и јавниот. Беше забележлива ангажираната страна на пишување за градот. Неколку ракописи директно или индиректно зборуваа за деградацијата на урбаната градска средина, комуницирајќи своевидна поетика на распаѓањето, несомнено поттикната од желбата за подобри основни услови за живот, за кои секој еден/една од нас копнее.
На конкурсот пристигнаа и такви ракописи кои се занимаваат со анахрони, неактуелни или истрошени теми, кои од жирито беа послабо оценети.