Skip to main content
Тамара Котевска пред македонската премиера на „Силјан“:

Едвај чекам филмот да го види публиката за која првично беше направен

Тамара Котевска  е македонска режисерка, најпозната по својот документарен филм „Медена земја“ од 2019 година. Котевска е родена во Прилеп. Добила стипендија за едногодишен престој во 3-та година од средното образование во САД, во Тенеси. Дипломирала на Факултет за драмски уметности на Универзитет „Кирил и Методиј“ во Скопје, со акцент во документарниот филм.

Заедно со Љубомир Стефанов. Котевска помина три години снимајќи го документарниот филм за дивиот женски пчелар Хатиџе, кој првично требало да биде краток документарен филм за регионот на реката Брегалница, кога наишле на пчеларката. Котевска и Стефанов претходно работеле заедно на друг документарен филм, Езеро од јаболка (2017) .

Медена земја освои три награди на филмскиот фестивал „Санденс“ во 2019 година и доби две номинации за Оскар на 92. издание – за Најдобар документарен филм и Најдобар странски филм. Ова е втор македонски филм што добил номинација за Оскар по „Пред дождот“ (1994).

Третиот долгометражен документарен филм на Котеска, филмот „Силјан“ ја доби „Наградата на Музата“ на Венецијанскиот филмски фестивал во 2025 година. Филмот беше дел од официјалната секција „Надвор од конкуренција“, и во конкуренција од 20 дела беше прогласен за најинспиративен филм на фестивалот. Филмот е инспириран од македонскиот фолклор и ја следи приказната за земјоделец кој пронаоѓа повреден бел штрк.

Котевска и продуцентот Јорданчо Петковски во една прилика објаснија дека „Сијлан“ настанал случајно, во пауза, додека се подготвувале за снимањето на филмот „Човек против јато“….

На 4 јануари ќе се одржи македонската премиера на „Силјан“, со Тамара Котевска разговаравме за предизвиците при снимањето, искуството од Холивуд, филмот…

Вашето име се врзува за два филма поврзани со највисокото достигнување во филмската уметност, наградата Оскар. Станува збор за филмовите „Медена земја“ и „Силјан“. Како се прифатени приказните од Македонија во Вашите филмови во странство?

Има одлична прифатеност и одлична гледаност. Навистина сум ценета во многу земји и има огромна публика која со нетрпение ги чека моите филмови. До сега секаде салите биле полни. Особено во Америка и Англија има неверојатен одзив. Во Англија втората недела од кино прикажувањето, заработката од дистрибуцијата се зголеми трократно и отворија 3 нови кина за прикажување кои не им беа во план. Пресреќна сум што успевам да преведам еден толку различен менталитет преку филмскиот јазик за да одекне толку далеку. 

Во јавноста се појавија фотографии од ексклузивен ВИП ручек на кој присуствувавте со холивудските ѕвезди Леонардо Ди Каприо, Бенисио Дел Торо и останатата екипа на филмот „One Battle After Another“ на Пол Томас Андерсон. Која беше темата на која се водеше дискусијата?

Ди Каприо  веќе одамна е познат по својата документарна фондација за документарци за заштита на животната средина и поради тоа сериозно и искрено поддржува документаристи кои се занимаваат со еколошки теми, а на „Медена земја“ особено се сеќаваше поради истата година во која бевме номинирани. Беше искрено заинтересиран за мојот нов филм и побара линк кој подоцна му беше доставен од Нешнал географик лично. Исто така зборувавме за наш заеднички пријател и колега Ричард Ладкани кој е долгогодишен документарист со кој Ди Каприо соработува и со кој има филм на трката за оскари годинава. 

Што значи за Вас правењето филмови?

Моето срце, страст и вистинска, суштинска исполнетост лежат во откривањето на една волшебна приказна постепено, трпеливо пронаоѓање на одговорите, во бидувањето слободна во природата на предели кои често имам чувство дека само јас сум ги пронашла и само јас ги знам, како некои тајни островца. Потоа, поминување скапоцено време на магичните сетови кои сама ги создавам и заедничката борба со моите колеги соборци со кои заедно често сме сведоци дека сме го постигнале невозможното и дека магија постои, барем онаа филмската. Процесот на создавање на филм е како процес на раѓање на живо суштество, разбираш дека секој филм е засебен жив организам со сопствено темпо енергија и логика, дури откако ќе се впуштиш целосно и безкомпромисно во тоа создавање. 

Снимате на непристапни предели, се соочувате со тешкотии во поглед на финансирањето на снимањето на филмовите, споделивте и искуство од снимањето на „Силјан“ кога ви биле украдени материјали… Што е она што и покрај се Ве држи да истраете во целиот процес? 

Лудилото да го видам завршениот филм кој постои во мојата глава и ме измачува додека не се оствари во живо. Тоа е свет кој го носам во себе и тежи кога е само во мене. 

За Вашите филмски остварувања бевте наградени на Санденс, Венеција, Чикаго, во Франција.., а National Geographic го откупи Вашиот најнов филм. Како гледате на сите овие признанија? 

Како на остварување на најголемиот сон на еден филмски автор: визијата да му биде разбрана интернационално. Да може да комуницира со сите на својот автентичен јазик. 

Дипломиравте на Факултетот за драмски уметности на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје, со акцент во документарниот филм. Зошто токму документарниот филм го одбравте како начин на раскажување на Вашите приказни?

Од многу рана возраст сфатив дека реалните приказни многу повеќе влијаат на мене од фикцијата токму поради неверојатноста дела се реални и можноста да инспирираат туѓи животи како што го инспирирале мојот. 

Не очекува македонска премиера на „Силјан“. Какво е чувството пред прикажувањето на филмот пред домашната публика?

Највозбудена од било кога до сега. Едвај чекам тоа да се случи! Филмот да го види публиката за која првично беше направен. 

Разговараше: Невена Поповска

Поврзани вести