
На јавниот повик „Каде недостигаат книги за Македонија?“, првата издавачка куќа во самостојна Македонија ќе избере училишна или локална библиотека според реалната потреба, без гласање и собирање допаѓања на социјалните мрежи
Една училишна или локална библиотека ќе добие фонд од 35 книги од „Матица македонска“, во рамките на јавниот повик „Каде недостигаат книги за Македонија?“ што првата издавачка куќа во самостојна Македонија го распиша во рамките на програмата „Зад датумот“ со слоган „Овој Илинден, Македонија се чита.“
Новиот фонд ќе биде составен според потребите на избраната библиотека, возраста на нејзините корисници и состојбата на постојната збирка. Тој може да опфати книги за Илинден, македонската историја и државност, македонскиот јазик, фолклорот, книжевноста, уметноста и културното наследство, како и изданија за ученици и помлади читатели.
Може да се пријават училишни и локални библиотеки, како и јавно достапни библиотечни фондови што работат во рамките на културни и образовни центри. Библиотека може да предложи и читател, наставник, родител, здружение, локална институција или друго лице запознаено со нејзината работа.
Пријавата треба да содржи име и населено место на библиотеката, институција во чиј состав работи, приближен број и возраст на корисниците, краток опис на постојниот фонд, областите во кои најмногу недостигаат книги и контакт на одговорно лице.
Изборот нема да се врши преку јавно гласање, број на допаѓања или споделувања на социјалните мрежи. Ќе се разгледуваат реалната потреба, бројот и возраста на корисниците, јавната достапност на фондот и можноста книгите редовно да се користат.
Од „Матица македонска“ нагласуваат дека целта не е само да се испратат 35 наслови, туку да се создаде внимателно избрана библиотечна целина што ќе остане достапна и навистина ќе им служи на читателите.
Пријавите се испраќаат на [email protected] најдоцна до 7 август 2026 година, во 23:59 часот. Избраната библиотека ќе биде објавена на 12 август.

Македонски


