
Десеттото издание на КРИК фестивал за критичка култура, во организација на Контрапункт, продолжува со критичкото промислување на овогодишната тема „Преобразба“.
Есенското издание почнува со предавањето на провокативниот и поттикнувачки германско/хрватски филозоф и теоретичар на социо-културните деликатни и актуелни случувања и теми, Борис Буден.
На 30 септември (вторник) со почеток во 19 часот, во Националната Галерија, Чифте Амам, Борис Буден ќе одржи предавање насловено „Дупка во главата или: може ли нешто да се научи од војната?“
Согледувањата на Буден длабоко проникнуваат во сите денешни акутни културно-политички превирања во регионот и во светот, на глобално и локално рамниште, но и во самата тема на овогодинешниот КРИК, која ги поставува прашањата на човековата ентропија и потребата за преобразба на идејата за заедница“, посочуваат од фестивалот.
После предавањето ќе следи кратка дискусија помеѓу Борис Буден и Никола Гелевски, како и разговор со публиката. Настанот ќе се одржи на хрватски и македонски јазик.
Околу предавањето, од КРИК велат:
На човекот му влегол куршум низ едното уво, а низ другото му излегол надвор“, напиша во „Последните денови на човештвото“ Карл Краус, на крајот од Првата светска војна. За Краус, војната е своевиден театар на апсурдот, за Ремарк егзистенцијална трагедија, за Хашек комедија, за Крлежа екстремна форма на класно порамнување. Но, она што сите тие искуства ги обединува, е неспособноста луѓето од нив да извлечат поуки, а тоа ги тера да повторуваат едни те исти грешки. Токму тоа е она што Краус го именува како дупка во главата. Како денес изгледа таа дупка? Кој куршум, проектил, дрон, економски интерес, политичка волја, или кој претежок збор ја создал таа дупка во главата? Предавањето ќе се обиде да ги скицира можните одговори на овие прашања.
Борис Буден е писател, критичар на културата и преведувач. Студира филозофија во Загреб и докторира во сферата на Културната теорија на Хумболтовиот универзитет во Берлин. Во 1990 е основач и уредник на магазинот и издавачката куќа Аркзин во Загреб. Неговите есеи и написи се поврзани со теми од филозофијата, политиката, културната и уметничката критика. Буден учествува во рамките на разни конференции и уметнички проекти во западна и источна Европа, Азија и Америка, вклучувајќи ја и Документа XI. Помеѓу неговите најзначајни преводи на хрватски се и најзначајните дела на Сигмунд Фројд. Автор е на неколку книги на хрватски и на Der Schacht von Babel: Ist Kultur übersetzbar? (2004), Übersetzung: Das Versprechen eines Begriffs (2008, with Stefan Nowotny), Zone des Übergangs: Vom Ende des Postkommunismus (2009), Findet Europa, (2015), Transition to Nowhere (2019). Борис Буден е постојан соработник на Европскиот институт за прогресивни културни политики, во Виена. Предва теорија на културата на Факултетот за уметност и дизајн, во рамки на Баухаус универзитетот во Вајмар и на Универзитетот за применети уметности во Виена. Борис Буден живее и работи во Виена.
Никола Гелевски е директор и основач на издавачката куќа „Темплум“ (1989) (од самиздатските денови), главен уредник на списанието „Маргина“ (1994 до денес), главен уредник на стрип списанието „Лифт“ (1995- 2000 година) и основач и главен уредник на он-лајн порталот „Окно“ (2009 година до денес). Тој е исто така основач и ко-основач на повеќе граѓански организации и иницијативи: ко-основач на Контрапункт (1999), еден од основачите на Центарот за култура „Точка“ (2003- 2009), еден од основачите на здружението „Плоштад слобода“ (2009) и еден од основачите на здружението ЦЕМ – Граѓани за европска Македонија, (2008). Тој е колумнист и неговите колумни се објавени во весниците: „Форум“ (1999-2001), „Утрински весник“ (2001-2009), „Глобус“ (2009-2011) и „Окно“ (2009 до денес ) Автор е на 7 книги и добитник на наградата „Борјан Таневски“ за 2007 година („истакнат колумнист на годината“). Основач е на книжевниот фестивал „Друга Приказна“.
Уреднички тим – Искра Гешоска, Артан Садику, Тијана Ана Спасовска, Петар Милат.
Предавањето е поддржано од Гете Институт Скопје.
Контрапункт и „КРИК – фестивал за критичка култура“ е поддржан од проектот Култура за развој на Владата на Швајцарија и е имплементиран од Хартефакт фонд.