![](https://republika.mk/wp-content/uploads/2025/02/37f1cec5-16f2-4dc0-88ca-83e491630d8a-1024x705.jpeg)
Во ДПМ на денот на основањето на писателската асоцијација, свечено беа доделени годишните награди на Друштвото на писателите на Македонија за 2024 година.
Живко Гроздановски е 28. претседател на писателската асоцијација во година кога ДПМ одбележува 78 години постоење и вели дека е идеалист во поглед на насоката во која ќе се движи асоцијацијата.
Од Годишното собрание кое се одржа во јуни минатата година се движиме само нагоре, се остваруваат соработки и може да се развива Друштвото во нагорна линија. Со желба овој ден да го славиме уште бројни децении и Друштвото уште повеќе да придонесува за благосостојбата на нашата книжевна и воопшто културна заедница, истакна Гроздановски и најави соработка со Македонскиот културен центар во Истанбул, каде петмината добитници на годинашните награди на ДПМ ќе бидат поканети да гостуваат во Турција.
Жарко Кујунџиски, за збирката раскази „Приказничар“, во издание на „Антолог“ (награда „Стале Попов“, членови на жири-комисија: Лилјана Пандева, Петар Андоновски, Блаже Миневски).
Од трите книги кои што влегоа во последниот круг , две имаа не речиси, туку израмнети гласови. Така што, жири комисијата дискутираше . И во дискусија и повторно бодување го одбра победникот“, рече Лилјана Пандева, претседателка на жири за наградата „Стале Попов“.
Самата книга има симболичен наднаслов.
25 години јас раскажувам и означува токму 25 години во кои јас сум создавал раскази. Во некој период почесто и покнотинуирано, во некој со паузи, а и кога човек прави некој јубилеен пресек се навраќа на оние раскази кои него лично најмногу му значат и оставиле некаква трага во културата во која создава. Дали некои од нив или повеќето биле наградувани, ставани во некои Антологии итн, но пак се враќаме на чувството што тој смета дека треба да стави во една ваква зборка каде што првите два раскази имаат една до две реченици, а последните до кај 10.000 зборови . Кога сега конечно кога целата таа збирка од навистина различни приказни на Приказничарот ќе ја добие наградата „Стале Попов“ за мене е огромно задоволство и чест, бидејќи иако малку подзабореавен Стале Попов сметам дека е еден од најимпозантните фигури на нашата раскажувачка уметност бидејќи создава и се инспирира локално, од Мариово, од Прилеп, но неговите пораки се универзални. Тие повикуваат на таа мисија раскажувањето да не е само забава, туку и да поттикнуваат на промени. Ако успеат и овие приказни на Приказничарот да бидат во дослух и да адресираат слични цели како литературата на Стале Попов мислам дека сосема е оправдана наградата, рече Кујунџиски.
Иван Џепароски, за збирката песни „Посвети и пофалби“, во издание на „Дијалог“ (награда „Ацо Шопов“, членови на жири-комисија: Катица Ќулавкова, Гордана Михаилова-Бошнакоска, Влада Урошевиќ).
Во најголемиот дел од насловите и авторите се совпаднавме. Значи, првите осум наслови што ги издвоивме и последните три кои влегоа во најтесен избор, беа заеднички. Значи дека кога некој има препознатлив квалитет и кога има критичари кои се членови на жири, кои не се пристрасни кон авторот, за авторот знаеме кој е, еден или друг, ја читаме книгата. Значи, тогаш тече нормално и има голема веројатност да дојдеме до слични одлуки“, рече академик Катица Ќулафкова, претседателка на жирито за наградата „Ацо Шопов“.
Иван Антоновски, за книгата за деца „Бакнежи на небото“ во издание на „Едиција Светулка“ (награда „Ванчо Николески“, членови на жири-комисија: Билјана С. Црвенковска, Мито Спасевски, Александра Велинова). На повикот на ДПМ за оваа награда се одзвале вкупно десет наслови.
Книгата за деца „Бакнежи на небото“ на авторот Иван Антоновски е нежна и топла приказна која, при првото читање, во нејзиниот основен слој, е приказна за настанувањето на зимата и за малите, секојдневни „игри“ меѓу децата. Во топла и снежна ноќ, завиткани во ќебенце, постарата сестричка Илина и братчето Јаков – кое не сака да заспие – почнуваат разговор. Илина одговара на неговото прашање „Како настанала зимата“ раскажувајќи ја сказната што ја слушнала од баба им. Атмосферата на почетокот наликува на бајките што се неизоставен дел од сечие детство („Снежната кралица“), навестувајќи дека магијата набргу ќе почне. Топлите и богати илустрации (кои малку потсетуваат на оние на Кондовски) ја доловуваат бајковитата атмосфера со носталгичен призвук на дамнешните, безгрижни детства. Но, тука Антоновски, суптилно и обмислено, со внимателно избрани зборови, ја прави вистинската магија во оваа книга (иако во формат на сликовница – текстот е доволно обемен и исполнет за таа да се нарече „долг илустриран расказ“). Со внимателно читање, почнуваме полека да ги откриваме подлабоките слоеви во приказната – која од бајка прераснува во модерна приказна за љубовта меѓу сестричето Илина и братчето Јаков (ретка и недоволно обработувана тема: сестричката е онаа што раскажува и се грижи братчето да заспие, иако најчесто таа улога припаѓа на родителот). Читателот може лесно да се идентификува – во модерното, брзо и стресно време во кое живееме, родителите често ја префрлаат оваа улога на постарото дете во семејството.
Антоновски вели дека се убаво што постои на светов создадено е од љубов.
Тоа е мотото и дел од пораките што ги пренесува книгата. од многу љубов и со многу љубов е создадена оваа книга која не се создаде во еден ми. Приказната долго ја носев во себе, а се одлучив да ја објавам тогаш кога бев сигурен дека во неа го има јазикот на нашето време и на денешниве деца. Во тоа секако придонес имаше и моето родителско искуство. Ова е најдрагата награда што сум ја добил досега, пред се затоа што доаѓа од нашата фела, од нашите колеги и од најстарата писателска асоцијација во државата, а втората е затоа што се однесува за книжевноста за деца за која не еднаш е речено дека е најголемиот предизвик за писателите., рече Антоновски.
Наташа Аврамовска, за збирката есеи „Книжевни паметници“ во издание на Институтот за македонска литература (награда „Димитар Митрев“, членови на жири-комисија: Лидија Капушевска-Дракулевска, Дејан Трајкоски, Санде Стојчевски).
Книгата „Книжевни паметници“ од Наташа Аврамовска претставува врвно ерудициско остварување со комплексна, полифонична композиција од десетина критички студии пишувани по различни, значајни поводи и јубилеи, кои орбитрираат околу еден стожерен мотив – културната меморија. Авторката суверено се движи низ жанровските траектории на современата македонска книжевност, почнувајќи од автобиографскиот испис на М. Цепенков кон крајот на XIX век, преку поетската проза на Б. Конески, романот-иследување на К. Чашуле или семејната сага на Б. Иванов и Ј. Павловски, сè до постмодерните варијации и зачудни оптики на градот – кај О. Николова, на детството – кај Е. Лафазановски, на Другоста – во драмите на Г. Стефановски или на загатката – во делото на П. М. Андреевски. Посебен придонес на книгата претставуваат компаративните согледби на книжевната меморија во современата македонска литература во однос на две древни епохи: старословенската и османлиската кои се пресретнуваат во симболот на Констатинопол односно Стамбол. Со својот осмислен концепт, контекстуален опфат, научен пристап и акрибичен стил, оваа книга дава евидентен придонес во толкувањето не само на клучните фигури од современата македонска книжевност, туку и на нивните одделни остварувања кои, според авторката, претствауваат значајни „книжевни паметници“ како драгоцен и траен влог во нашето културно наследство, сметаат членовите на комисијата.
Во Македонија оваа награда е единствена што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија.
Не само во областа на книжевната критика, туку воопшто во областа на книжевните науки, и теорија и книжевна историја…Токму во таа смисла и со огледа дека наградата доаѓа од фелата таа е и голема чест, но и обврзува за проследување не само на одделни дела, туку и на процесите на книжевна комуникација во нашата средина и воопшто, истакна Аврамовска.
Гордана Јовиќ-Стојковска, за романот „Била једном једна кућа“ во издание на „Слово љубве“ (награда „Мост“, членови на жири-комисија: Сеида Бегановиќ, Тихомир Јанчовски, Лејла Шериф-Емин).
Станува збор за жанровски комплексно дело – хибрид, кое започнува со депресивниот роденден на главниот лик и неговото размислување за празнината на сопственото постоење. Заплетот понатаму е развиен во вешто составена научно-фантастична приказна, каде што, како интервенција на боговите, кои некогаш ги исполнувале желбите на смртници, истото тоа сега го прави инструмент или вештачката интелигенција, која не предвидува човечки слабости, како што се љубомора, завист, самосожалување, неверодостојност, кукавичлук, љубопитност… Особено интересна е самата постапка со помош на која, благодарејќи на ерудицијата на авторката и познавањето на културолошките теми, целиот заплет зазема тек соодветен на принципите на исклучително слоевита ерудитивна фантастика што успева да ги даде одговорите на сите прашања поставени на почетокот од книгата, на метафизичките дилеми, на психоаналитичките толкувања на ликовите, при што се упатува на битните културолошки референци за смртта, љубовта, раѓањето, во различни култури, и цивилизации. Она што во стилот не’ плени е – хуморот со кого се испреплетуваат најсериозните теми, полн со емпатија за делата на ликовите, сатирата за анти-хероите. Херојот или анти-херојот, во зависност од вкусот, ги доживува сите егзистенцијални преобразби, речиси како митски херој, дури и додека лебдее меѓу животот и смртта кога ги поминува сите фази на исчезнување – од сениште, преку призрак до авет, се вели во образложението на комисијата.
Јовиќ-Стојковска вели дека тајната на куќата сме ние. Ние сме куќата.
Речиси во сите романи сакам да си играм со митологијата, со нашето минати и да се навраќам во денешнината. Да барам некое потекло и некои можности. Ова е токму приказната за тајната на куќата. Тајната на куќата сме ние. Нашата куќа е онаква каква што ние ќе ја направиме и како што ќе ја осмислиме, доградиме, разубавиме…, раскажа авторката.
Со овој настан ДПМ одбележа 78 години од своето основање, а беше збогатен и со настапот на Добрила и Дориан Дуо.