Skip to main content

Долг аплауз за „Господа Глембаеви“ на Црногорско народно позориште и Светозар Цветковиќ во Македонски народен театар

Долг и громогласен аплауз и враќање трипати на поклон пред скопската публика синоќа доживеаја актерите на Црногорско народно позориште кои на големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) го изведоа класикот „Господа Глембаеви“ од Мирослав Крлежа, а во режија на Данило Маруновиќ.

Со овации беа поздравени белградскиот актер Светозар Цветковиќ, добитник на Стериина награда за животно дело, за својата моќна и суптилна интерпретација на ликот Игњат Глембај и Мишо Обрадовиќ, во улогата на Леоне Глембај.

Салонот на МНТ беше полн до втората галерија, а меѓу госите имаше актери, режисери, театарски работници, луѓе од јавниот живот на Македонија.

Во претставата покрај Цветковиќ играт и Кристина Обрадовиќ, Мишо Обрадовиќ, Уна Лучиќ, Данило Чечебиќ, Павле Прелевиќ, Емир Ќатовиќ, Стеван Вуковиќ, Кристина Мркиќ и Предраг Павиќевиќ.

Драматург е Божо Копривица, адаптацијата е на Бојана Мијовиќ и Данило Маруновиќ, кој го направи и изборот на музиката, сценограф е Валентин Светозарев, костимограф е Вања Цирај-Џуџа. Сценските движења ги направи Тамара Вујошевиќ-Мандиќ, сценскиот говор е на Дубравка Дракиќ, а извршен продуцент е Нела Оташевиќ.

Ова е прво гостување на „Господа Глембаеви“ надвор од матичната куќа. Првично беше закажано во март годинава, но поради трагедијата во Кочани, беше одложено.

„Господа Глембаеви“ е драма на Мирослав Крлежа од 1929 година, поделена во три чина и се занимава со настаните и расколот во семејството Глембаеви.

Првпат ја прочитав драмата на Крлежа, „Господа Глембаеви“ како средношколец и се заљубив во неа. Повеќе од една деценија барав можност да ја поставам и сега кога дојде таа шанса, дури тогаш сфатив колку е присутна одговорноста да го реализираш Крлежа во дешифриран код на сегашноста, а да не отидеш предалеку од него. Драмата денес е уште поактуелна отколку кога е напишана, и успешно го вткајува во неа актуелниот општествено-политички контекст – вели режисерот Маруновиќ.

Следното гостување во МНТ е она на Народно позориште од Белград, на 23 декември, кој доаѓа со „Вообразениот болен“ според текстот на прочуениот француски комедиограф Жан Батист Поклен Молиер, а во режија на Никола Завишиќ.

Во актерската екипа се: Иван Босиљчиќ, Соња Колачариќ, Анастасија Мандиќ, Данило Лончаревиќ, Зоран Ќосиќ, Сава Милутиновиќ, Немања Стаматовиќ, Ива Милановиќ/Теодора Драгиќевиќ, Вучиќ Перовиќ/Петар Лазаревиќ, Никола Вујовиќ, Немања Константиновиќ и Јован Стаматовиќ Кариќ.

Поврзани вести