Skip to main content

Дигитализирана Едицијата „Охридско книжевно наследство“

Општина Охрид  преку Програмата за култура  во делот на Издавачка дејност  веќе неколку години го спроведува проектот Охридско книжевно наследство. Приредувачи на проектот се проф.д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски, а главен и одговорен уредник е Митре Велјаноски. 

Книгите сега се објавени и во дигитална форма на интернет страницата на општината (https://ohrid.gov.mk) со што оваа едиција станува подостапна за научната  јавност, како и за помладата генерација која работи или ќе работи на истражувања поврзани со познатите охридски имиња.

Едицијата „Охридско книжевно наследство“ започна  во 2018-тата година  и опфаќа 11 книги: „Дојди во Охрид“(Антологија на песни  за Охрид) 2018, „Антологија на ловорот“ 2020, „Книга за Чинго“ 2021, Охридски раскажувачи 2022 година, Книга за светите браќа Кирил и Методиј 2022, Книга за светите бража Климент и Наум Охридски 2022,  „Охридскиот XIX век“ 2023, „Охридски поети“ 2023, Охридските писатели за деца и младинци 2024, „Охридските драмски писатели“ 2024, „Охридските  писатели во книжевната критика“ 2025, наведуваат од Општина Охрид.

Во текот на 2025 година  ќе бидат издадени книги Охридски фолклористи, Охридска историографија и Охридска книжевна школа. Целта на проектот е да се  соберат на едно место сите охридски духовници, преродбеници, револуционери и други општествени дејци кои оставиле свој траг во  целокупната охридска меморија.

– Наша должност е да го чуваме македонскиот јазик, македонските великани и да го зачуваме споменот на сите кои пред нас го трасирале патот на македонската култура и општество. Преку дигиталната верзија на оваа едиција Општина Охрид како издавач овозможува  истата да стане подостапна за целокупната јавност, читајќи, прелистувајќи , превземајќи содржини за сите читатели, нагласуваат од охридската локална самоуправа.