
Во време кога грижата за природата станува неопходност, а не избор, „Сакам книги“ поставува нов стандард во домашната издавачка индустрија, организирајќи настан за садење дрвја како дел од својата поширока општествено одговорна мисија.
Настанот ќе се одржи во понеделник, 6 април, со почеток од 11 часот во мега паркот во Карпош, Скопје, во соработка со Град Скопје и ЈП Паркови и зеленило, при што издавачката куќа донира садници за пошумување и директно придонесува за збогатување на урбаното зеленило, токму таму каде што нејзината дејност најмногу влијае.
„Ова е прва акција од ваков тип кај нас, каде една издавачка куќа, како голем потрошувач на хартија, свесно одлучува да ѝ врати на природата, заедно со своите читатели. Веруваме дека ова нема да биде единствен чекор, туку почеток на една нова пракса,“ изјави Ивана Спасев, главен уредник во „Сакам книги“ и лидер на проектот „Со љубов, од Европа“, во чии рамки е предвидено 10% од продажбата на книгите да бидат наменети за садење дрвја во Скопје. Ова значи дека секој кој ќе купи книга од оваа европска едиција директно донира средства за пошумување на Скопје.
Таа додава дека целта е да се поттикне двојна свест, грижа кон природата и љубов кон читањето, како вредности што идните генерации треба да ги носат како приоритет.
„Ако тие вредности ги изградиме навреме, сигурни сме дека ќе создадеме подобар свет – за нив и за сите нас,“ вели Спасев.
Настанот за садење дрвја е дел од проектот „Со љубов, од Европа“, кој го реализира „Сакам книги“ како продолжение на својата 16-годишна посветеност кон литературата и читателите.
Проектот започнува со 16 избрани наслови од 13 европски земји, напишани на помалку застапени јазици и од автори кои за првпат се преведуваат на македонски. Секое дело носи автентична перспектива и отвора важни општествени теми – од ментално здравје и родова еднаквост, до инклузија, диверзитет и климатски промени.
Но, мисијата не застанува на страниците.
Паралелно со книжевната понуда, проектот вклучува конкретни активности што имаат директно влијание во заедницата:
– пошумување и зелени акции во Скопје
– поставување маалски минибиблиотеки за долгорочна достапност на книги
– поддршка на украинската литература преку донации и културни настани за бегалците
Она што го прави овој проект посебен е интегрираниот пристап кон одржливост.
Книгите се печатат на рециклирана хартија и ќе бидат достапни и во електронска форма. Дополнително, ќе се развиваат и практики што поттикнуваат одговорно однесување, како иницијативата „Со велосипед до книжарница“, употреба на еколошки материјали и промоција на одржливо работење.
Со оваа акција, „Сакам книги“ јасно се позиционира како компанија што не само што создава културна вредност, туку и презема одговорност за своето влијание врз општеството и животната средина.
Во индустрија што директно зависи од природните ресурси, овој чекор претставува силна порака дека успехот не се мери само во продадени тиражи, туку и во придонесот кон заедницата.
Истовремено, ваквиот пристап отвора простор и за други компании да го следат примерот, градејќи нова култура на одговорно и одржливо делување.

Македонски


