![](https://republika.mk/wp-content/uploads/2025/02/e0b5d086-1524-4073-86ed-c08507ba95cb-1024x766.jpeg)
Во Културно-информативниот центар во Скопје денеска се одржа промоција на четиритомниот проект „Пролегомена за македонската фотографија“ од историчарот на уметност, критичар и публицист Златко Теодосиевски.
Ова е обемен и значаен труд на кој Златко Теодосиевски му беше посветен повеќе од една деценија. Неговата страст за фотографијата беше секогаш присутна во нашето заедничко секојдневие. Нашиот заеднички интерес кон визуелната уметност и веќе создадената култура на препознавање на необичното секогаш ни овозможуваше долги разговори за некој детал, кој за мене значеше едно, за него друго. И тоа, за среќа, тие долги разговори се уште траат. Од него научив како да ја гледам фотографијата и на што да обрнам внимание при првиот поглед, при вториот, а што при третиот. И тие обиди бидете сигурни ми се се уште многу драгоцени, рече на почетокот на промоцијата Гена Теодосиевска, новинарка и филмска критичарка.
Таа посочи дека Теодосиевски е еден од исклучителните културни работници кој јавниот интерес во културата го става пред се. Кога работи тој сака некој тоа да го види, да го чуе, да го прочита и да добие дел од неговото искуство за понатаму.
Убеден сум дека уметноста умее да се спротивстави на социокултурните и општествените услови. Самата креација по себе не зависи од ништо, зависи само од уметникот, меѓутоа сето она што понатаму се случува со делото многу зависи од социоекономските, од општествените услови и состојби. Кога говориме за фотографијата, таа го потврдува ова мое мислење. Дури и да прифатиме дека фотографијата постои од 1945 година наваму иако не е така, постои како пишан документ од 1855 година. Што е само некои 20-тина години по пронаоѓањето на фотографијата во Европа. Значи, не Балканот, туку уште помалку Македонија не доцнела во тоа време многу зад европските случувања во уметноста. А ако ме прашате за денес, денес мислам дека доцни многу. Можеби двојно. Причината, зошто се овие четири книги е во општествениот третман на фотографијата, односно нетретман. Во нејзината комплетна маргинализација, не знам од кои причини, можам само да претпоставам. Некои и наведувам во книгите. И тука е денешниот актуелен проблем на македонската фотографија. Тоа беше мојот главен мотив за зафаќање за оваа работа кој почна како една книга, но заради обемноста на материјалот мора да се продолжи и со втора и со трета и на крај и со четврта книга. Идејата беше обид да се разбие заблудата околу македонската фотографија. Бидејќи заблуда постои. Намерна или ненамерна, од неукост или со намера, не знам. Не можам да дефинирам зошто мојата професија, уметничките институции имаат некаква одбивност кон фотографијата. Ако малку нешто сум помогнал во разбивање на таа заблуда јас ќе бидам професионално многу задоволен, рече авторот Златко Теодосиевски, историчар на уметност, критичар и публицист.
За четиритомното издание „Пролегомена за македонската фотографија“, кој е прв ваков проект кај нас посветен на историскиот развој на македонската фотографија во периодот 1855-2020 година говореа Александар Кондев, доајен на македонската фотографија, Кирил Штрков, претседател на фото сојузот на Македонија и Страхил Петровски, ликовен уметник и концептуалист.
Ова издание има посебно значење за фотографијата во Македонија. Се надевам дека ќе продолжи и дека и следните изданија секако ќе остават огромни траги во разбирањето и позиционирањето на фотографијата во Македонија на вистинското место што го заслужува. Златко со своето реноме дава посебна тежина на аргументите кои ги дава во овие четири книги. Посебно сум задоволен од храброста со која се спротивставува на наративот кој последниве десеттина а можеби и повеќе години се води околу статусот на фотографијата односно нејзиниот третман како придружна уметност, а не уметност сама по себе. Во Златко Теодосиевси добивме еден гласноговорник за македонската фотографија, а тоа е нешто што досега недостасуваше, истакна Кирил Штрков, претседател на фото сојузот на Македонија.
Низ критичка евалуација на процесите и творештвото на бројни македонски фотографи, како и соодветни компаративни согледувања, авторот ги следи креативните раскрилувања на македонската фотографија кај нас и нејзиното макотрпно етаблирање во редот на визуелните уметности во Македонија.
Сите четири книги се органски поврзани и многу е битно што во нив конечно го имаме континуитетот на македонската фотографија. Конечно и даде историско образложение на историјатот на македонската фотографија. Во овие книги ќе ја видиме социологијата и интеракцијата на македонската фотографија со другите медиуми посебно со сликарството, ќе го видиме светското влијание и постигањата на светската фотографија врз авторите во Македонија, ќе видиме дека македонската фотографија доаѓа од југ од Италија и Албанија преку Драч и преку Солун, а во поранешна Југославија посебно северниот дел тоа е Германија и Австроунгарија. Тоа се тие естетски влијанија и сите премрежија кои ги имавме ние. Како фотограф многу му благодарам дека конечно е дефинирано што е фотографијата на нашите простори. Преку овие книги праќаме и апел да се зачува фотографското наследство. Тоа денеска пропаѓа. Книгите се и учебник за сите оние кои ги интересираат фотографијата, но и попис на автори кои создавале кај нас, а досега го немавме тоа. За мене ова е клучен културен документ, подвлече доајенот на македонската фотографија, Александар Кондев.
-Книга 1: Извори и согледби (2021) критички ги согледува досегашните извори и интерпретации на фотографијата како медиум кај нас, па следствено и на македонската фотографија, како и некои теориски прашања сврзани со природата на медиумот, дали фотографијата може да се третира (и) како уметност, што тоа значи во македонски услови итн.; Книга 2: Фотографијата во Македонија 1855-1945 го проследува историскиот развој и естетските димензии на фотографијата во наведениот период низ творештвото на браќата Манаки, Ошавков, Димкаровски, Бељан, Јолевски и др., потоа творештвото на Цветко Иванов, Благоја Дрнков, Ѓорѓи Попов, Лазо Величковски итн.; Книга 3: Фотографијата во Македонија 1945-1990 поопстојно се занимава со современата македонска фотографија во наведениот период, вклучувајчи ја анализата на творештвото на бројни автори, меѓу кои и доајените Живко Јаневски, Душко Јовановски, Александар Кондев, Александар Цветиновски, Мирза Ченгиќ, Васил Боглев, Роберт Јаки и др.; Книга 4: Фотографијата во Македонија 1990-2020 го обработува развојот на македонската фотографија по осамостојувањето и појавата на новите генерации македонски фотографи, меѓу кои и творештвото на Боро Рудиќ, Цветан Гавровски, Раде Луковиќ, Кирил Штрков, Душан Доцевски, Зоран Здравев…, како и релативно помладите генерации автори како Јана Луловска, Сашо Алушевски, Осман Демири, Весна Каревска Пукиќ и др, се посочува во најавата за проектот.
За овие четири ремек дела би кажал дека ќе останат во историјата на Република Македонија, рече меѓу другото Страхил Петровски, ликовен уметник и концептуалист, кој ги нарече Енциклопедија на македонската фотографија.
Во најавата се нагласува дека основната идеја на проектот беше/е, низ критички пристап, на едно место да ја синтетизира досегашната историја на фотографијата во Македонија според сознанијата и видувањето на авторот.
И ова е прв таков посеопфатен обид кај нас. Притоа, проектот го наметнува и клучното прашање: ја стекна ли фотографијата довербата на македонската историја на уметноста, на стручните кругови, на уметничките институции?, се вели во најавата.
Проектот е финансиран од Министерството за култура како проект од национален интерес.