Традиционалната Чешка вечер на фестивалот „Охридско лето“ ќе донесе концерт на квартетот „Вихан“. Во црквата „Света Софија“ вечерва со почеток во 21 часот ќе настапат членовите на овој состав виолинистите Леош Цепицки и Јан Шулмајстер, Јакуб Чепицки на виола и виолончелистот Михал Канка.

Во 2015 година, квартетот „Вихан“ прослави 30 години постоење и низ годините стана еден од најпризнатите гудачки квартети чија специјалност е изведбата на дела од чешката музичка ризница, како и на дела од класичниот, романтичниот и модерниот репертоар за квартет. Нивното аудио издание со делата од опусот 34 и опусот 105 на Антонин Дворжак беше прогласено за „Снимка на годината“ на Мјузиквеб интернашнл, додека пак специјализираниот весник за класична музика Би-Би-Си Мјузик Магазин нивната снимка на оп. 61 од Дворжак ја оцени како „Една од најдобрите снимени изведби на делото досега“. Во 2012/2013 година квартетот „Вихан“ беше резидентен ансамбл на Чешкото здружение за класична музика во концертната сала „Рудолфинум“ во Прага. Добитници се на бројни награди на интернационални натпревари како „Прашка пролет“ и „Камерниот фестивал“ во Осака, Јапонија. Во 1991 година квартетот ја освојува првата награда и наградата од публиката на престижниот натпревар за гудачки квартети во Лондон по што стануваат резидентен квартет на Конзерваториумот за музика и танц „Тринити-Лабан“ во Лондон.

Во 2014 година од квартетот се повлекува виолистот Јиржи Зигмунд, а во 2017 година по 32 години музицирање, крај на кариерата во квартетот става и виолончелистот Алес Касприк. Нивните места во ансамблот ги заземаат виолистот Јакуб Чепицки, син на долгогодишниот виолинист во квартетот- Леош Чепицки, и признатиот чешки виолончелист Михал Канка.
Чешката вечер, фестивалот „Охридско лето“ ја организира во соработка и со поддршка на Амбасадата на Република Чешка во Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.