
Драмски театар Скопје утревечер премиерно ќе ја изведе претставата „Болва в уво“ од францускиот комедиограф Жорж Фејдо во режија на Синиша Евтимов кој е автор и на адаптацијата на текстот. Со оваа, петта премиера, Драмски театар ја завршува продукцијата во 2025 година.
„Болва в уво“ првпат беше поставена во Драмски театар на 24 март 1974 и имала 333 изведби. Режисерот Евтимов и актерите кажаа дека ја гледале таа изведба, но дека нивната претстава резонира со денешното време.
Не станува збор за римејк. Оваа претстава се случува овде и сега, не е неопходно во нашата димензија, може да има некоја паралелно, изјави на денешната прес-конференција режисерот Евтимов.
Целата актерска екипа и режисерот Еттимов се согласија дека имале убав процес на работа, а директорот на Драмски театар Роберт Вељановски истакна дека претставата е направена за неверојатни 36 дена. Продадени се билетите за сите три претстави во декември, кажаа на прес-конференцијата, а во јануари „Болва в уво“ игра на 24-ти.

Беше чест да се работи, освен неколку исклучоци, со сосема нова млада генерација на Драмски театар која ќе го воведе театарот во нова ера на своето постоење. Овие 36 работни дена за мене изгледаа и повеќе од доволно за да создадеме доста возбудлив поп продукт кој, ќе се осмелам да кажам, дека ќе живее доста долго на оваа сцена и ќе се бара карта повеќе, и од сега веќе гледаме дека тоа се случува. И не само поради фактот што станува збор за „Болва в уво“ на Жорж Фејдо, која е Библијата на современите комедии и сите комедиографи по него во принцип се обидуваат да ги достигнат заплетите што тој ги поставува, туку и поради фактот што работев со овие луѓе кои навистина си ја сакаат својата работа и уживаа во процесот на работа и креирање заедно со мене. Успеавме да постигнеме синергија која на сцена ќе еманира со позитивна енергија кон публиката, изјави Евтимов.
Според Евтимов, оваа претстава ќе живее доста долго на оваа сцена и ќе се бара карта повеќе.
Играат Дениз Абдула, Ања Митиќ, Марјан Наумов, Лазар Христов, Игор Стојчевски, Стефан Вујисиќ, Нина Елзесер, Златко Митрески, Рубенс Муратовски, Катерина Шехтанска, Томислав Давидовски, Јована Спасиќ, Петар Стојковиќ и Ивана Павлаковиќ.
Сценографијата е на Мартин Манев, а костимите на Раде Василев.

Македонски






