По повод Меѓународниот ден на образованието разговаравме со Ректорката на УКИМ, Проф. д–р Биљана Ангелова. Родена на 21 мај 1965 година, во Скопје, дипломирала на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на Економскиот факултет, во 1987 година, каде што во континуитет ги завршила и постдипломските студии, со запишувањето во 1988 и магистрирањето во 1993 година на насоката Маркетинг и надворешна трговија, а докторската дисертација ја пријавила на Економскиот факултет при УКИМ, во 1994 година, а ја одбранила во 1999 година, со што се стекнала со звањето доктор по економски науки.
На Економскиот институт е вработена од 1992 година, каде што во континуитет се избира во сите научни и наставно-научни звања. Во 2007 година, првпат е избрана во највисокото научно, односно наставно-научно звање – научен советник/редовен професор во областа на деловните финансии, а во 2012 година повторно е избрана за редовен професор во областа на финансискиот менаџмент.
Автор е на повеќе од 80 публикувани научни трудови и трудови презентирани на конференции и издадени во меѓународни списанија. Издала 10 учебници, учебни помагала и прирачници и учествувала во реализацијата на голем број научноистражувачки и апликативни проекти. Земала учество на голем број меѓународни конференции во странство. Активно работела и била носител на повеќе меѓународни проекти во соработка со реномирани странски универзитети и меѓународни институции.
Реализирала студиски престои на универзитети и институции во повеќе земји, како: Австрија, Велика Британија, Италија, Германија, Чешка, Кина, Словенија, Србија и други.
Активно учествувала во изготвувањето на извештаите за самоевалуација на УКИМ, како и во многу други анализи на состојбите во високото образование, поврзани со финансирањето, научноистражувачката дејност, дигитализацијата и меѓународната соработка, што ѝ овозможува да ги согледа состојбите во сите сегменти на функционирањето на Универзитетот.
Кои се најголемите предизвици со кои се соочува Универзитетот во моментот и пандан на тоа, кои се клучните приоритети во Вашиот мандат како ректорка?
Комплексни се предизвиците со кои се соочува УКИМ, ги има повеќе, но овде, ќе истакнам неколку најприоритетни и критични за развојот. Тоа се: дигитализацијата, интернационализацијата, рангирањето и воведување на системот за квалитет.
Дигитализацијата е процес кој очекувам да започне со редизајн на веќе воспоставениот I-know систем и воведување нови функционалности на системот кои ќе бидат достапни за сите студенти на единиците на УКИМ, сè до воведување електронски индекс. Средствата ги очекуваме на почетокот на оваа година. Мапирањето на новите функционалности е завршено и паралелно ќе се работи на надградба на постојниот систем и на воведување електронски сервиси за студентите.
Интернационализацијата е исто така многу важна за напредокот на Универзитетот и неговата позиционираност на европскиот научноистражувачки и високообразовен простор. Вмрежувањето со странски универзитети и зголемувањето на бројот на заеднички истражувања од програмите на Horizon Europe, особено за програмите наменети за Widening-групата, COST-активностите и CEEPUS – Central European Exchange Program for University Studies, се приоритет на кој многу се работи. Формирана е проектна канцеларија на Универзитетот, која помага во процесот на пристап до проекти, странски партнери, дисеминација на повици и критериуми за аплицирање на разни проекти, вршење обуки за зајакнување на научноистражувачките и иновациските капацитети на УКИМ, како и непосредна административна и стручна помош при подготовка на проектни апликации.
Рангирањето на Универзитетот е исто така висок приоритет и интензивно се работи во насока на постигнување на критериумите кои можат да нè доведат на некоја од престижните ранг-листи. Поаѓајќи од фактот дека интернационализацијата на Универзитетот, подобрување на видливоста на истражувачките резултати, како и севкупната видливост кај сервисите за рангирање на универзитетите во светот е приоритетна тема, на која УКИМ посветува исклучително внимание, направивме анализи на поважните и највлијателни светски сервиси кои спроведуваат универзитетски рангирања, како најзначајни и релевантни во академскиот свет, и тоа: QS World University Rankings, THE Times Higher Education, Scimago Institutions Rankings, Webometrics, CWUR Center for World University Ranking и ARWU-Academic Ranking of World Universities. Дополнително, направена е анализа на новата подранг-листа на THE Times Higher Education – Impact Ranking, со цел воведување систематско следење и мерење на придонесот во однос на Милениумските цели за одржлив развој (SDGs), на активностите кои ги реализира УКИМ во сите домени на работа, а потоа прифаќање на поканите од сервисот за рангирање. Се постапуваше по барањата од сервисите за доставување на бројни статистички податоци за Универзитетот, кои не се директно видливи и притоа се направија напори и контакти со Scopus за отворање на базата на научни резултати за УКИМ. Оваа акција резултираше со позитивен исчекор и искачување на УКИМ на ранг-листата на QS, од претходната позиција на регионалната листа за Југоисточна Европа и Централна Азија, и негово позиционирање на главната Европска QS-листа на 440. место, што е значаен напредок и се базира на подобри резултати во однос на критериумите и индикаторите за метрика на овој сервис.
Дополнително, од оваа година, УКИМ е рангиран на Times Higher Education World University Rankings (THE), на 1500+ место и е единствена високообразовна институција од државата пласирана на оваа листа). Тоа е уште еден показател за заложбите на Универзитетот за подобрување на квалитетот на науката и истражувањата во функција на квалитетно високо образование, како и за севкупно влијание кон општествениот и економскиот развој на државата. Истовремено, овој показател ја потенцира потребата за системскиот пристап во државата кон науката, преку промена на политиките и конкретни инструменти за поддршка, со цел постигнување повисоки резултати.
Како УКИМ се адаптира кон брзиот развој на технологијата и потребите на современото образование?
Главниот фокус на Универзитетот во идниот период ќе биде насочен кон дигитализација, односно подготовка за негова целосна дигитална трансформација. Идентификувајќи ги моменталните слабости во овој домен, како што се тешкотиите во управувањето со податоците од сите сфери на дејноста на Универзитетот, во оваа област се предлагаат 3 стратегиски цели. Нивната реализација ќе резултира со комплетирање на податоците за студентите, за вработените, за наставниот кадар и истражувачите, за нивните звања и напредувања, како и со правилно и сеопфатно систематизирање на податоците за студиските програми и предметните содржини кои тие ги опфаќаат за сите циклуси на студирање. На централизиран начин ќе се прибира, ќе се ажурира и ќе се прави јавно достапна целокупната научна и уметничка продукција на Универзитетот во вид на публикации, журнали, написи и резултати од проекти во кои учествуваат вработените на Универзитетот.
Како општествено одговорен универзитет, каде што се креираат 90 % од севкупните научни и иновативни резултати во државата, УКИМ прв ја започна дебатата на темата: Вештачката интелигенција во високото образование и наука, која резултираше во изработка на Декларација за употреба на генеративни алатки за вештачка интелигенција на УКИМ.
Во текот на изминатата 2024 година, УКИМ посветено работеше на иницијативата за отворање на колаборативен центар на отворена наука и зајакнување на каналите на отворен пристап до научноистражувачките резултати, преку подобрување на дигиталната платформа за поддршка на научните списанија, базирана на OJS-систем и иницирање интегративен пристап до научните списанија на единиците на УКИМ. Сето ова, во согласност со стандардите во оваа област, како што се политиките за отворен пристап SherpaRomeo и индексирањето во директориумите за списанија со отворен пристап DOAJ и OpeAIRE|Explore.
Исто така, започнато е мапирање на истражувачката инфраструктура на единиците на УКИМ, како втор значаен сегмент на отворениот пристап, покрај научноистражувачките резултати. Притоа, мапирањето се изведува во согласност со стандардите во оваа област, преку два сегмента, а тоа се: идентификација и политики за пристап.
УКИМ ја започна иницијативата и е лидер во земјава, што се однесува до изработката на OpenAIRE Country Charter, заради промовирање на отворениот пристап до истражувачката инфраструктура. Оваа активност е продолжение на процесот што УКИМ, како лидер во оваа област и член на двете главни асоцијации за отворена наука на Европа, OpenAire и EOSC European Open Science Cloud, го започна, со вмрежување на државните универзитети и учествуваше во изготвувањето на Патоказот за отворен пристап на Западен Балкан.
На каков начин ги подготвувате студентите за нивните квалификации целосно да соодветствуваат со потребите на пазарот на трудот, односно македонската економија?
„Ориентацијата кон вработливост“ веќе претставува еден од клучните фактори за диференцијација на квалитетот на високото образование. Затоа, УКИМ, преку својот Центар за кариера, има за цел да ги поддржи студентите во креирање на нивната професионална иднина. Мисијата на овој центар е да им се помогне на студентите во креирањето на кариерните цели, да се создадат можности за практикантство, да се поддржат студентите во процесот на подготовка за пронаоѓање работа, да се подобрат нивните компетенции, вештините за вмрежување и да се направи линк помеѓу факултетот и компаниите кои имаат потреба од вработување.
Со цел квалификациите на студентите да соодветствуваат со потребите на пазарот на трудот, Универзитетот се стреми кон интензивирање на соработката со претставници на бизнис-заедницата (комори, асоцијации, организации на работодавачи, професионални здруженија) и со претставници од институции од јавниот сектор во делот на приспособување на студиските програми на актуелните потреби на пазарот на трудот, како и во осмислување нови програми за професионално и доживотно образование.
Центарот за кариера на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е посветен на извонредност во градењето на кариерната подготвеност (вработливоста) на студентите преку професионално и структурирано кариерно советување, развој на напредни кариерни компетенции и обезбедување постојана врска со светот на работата за секој студент.
Во текот на изминатата година се одржаа серија работилници за кариерен развој на студентите на 4 кампуси на УКИМ во соработка со УСС на УКИМ и Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Ќе ги издвојам работилницата на тема: „Создајте го своето онлајн портфолио – како да станете повидливи за идните работодавачи“ и работилницата на тема: „Како полесно да се стигне од студентски клупи до сала за состаноци?“, на која присуствуваа многу голем број студенти од сите факултети на УКИМ.
За да ја задржи својата лидерска позиција, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и понатаму ќе ги поставува највисоките стандарди во високото образование, кои во себе инкорпорираат не само високи стандарди за стекнување на стручни знаења и компетенции туку и за пренос на други, трансверзални вештини и знаења кои ги бара новото време (како користење дигитални алатки, применети јазици, нумерички вештини, софтверски вештини и сл.). Ние ги вложуваме сите наши напори и педагошки вештини за да влијаеме и на поттикнување и унапредување, не само на интелектуалниот капацитет на студентите туку и на нивниот личен развој.
Каква е улогата на истражувањето и иновациите на УКИМ во глобален контекст?
Клучно залагање во делот на науката, истражувањата и иновациите е прифаќање на повисоки стандарди, преку посветеност кон истражувања со висок квалитет, како предуслов за подобар универзитет, а преку тоа и обезбедување технолошки, економски и социјални влијанија за повисок општествен развој. Притоа, целта е резултатите од науката и истражувањата, преку иновации и нивна комерцијализација, да придонесат кон создавање вредност, со креирање релевантни решенија, производи и услуги за поддршка на општеството и економскиот развој во целина, со што Универзитетот ќе даде значајно општествено влијание.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје започна со реализација на европски проект од програмата Хоризонт Европа, од програмската линија „Widera“, насловен како „Проширување на истражувачките перформанси, иновациските капацитети и компетенции во ЕУ“, Wide AcrossEU.
Целта е да се придонесе за зголемување на учеството во европските програми за истражување и иновации, пред сè, во Хоризонт Европа и Дигитална Европа, но и во другите европски програми. Сето тоа ќе биде постигнато преку зголемување на конкурентноста на УКИМ, преку целни обуки, мобилности, размена на најдобри практики, пренесено знаење и советодавни услуги и вмрежување, помогнати од страна на универзитетите од Шведска и од Финска. Со имплементација на овие структурирани обуки и другите планирани активности ќе се овозможи развој на сопствените капацитети и компетенции на УКИМ и зголемено учество во европската истражувачка област преку поднесување нови проектни апликации, поголемо користење на капацитетите за истражувања и иновации, привлекување и насочување на истражувачи и развој на нови преносливи вештини и знаења. Дополнително, ќе се овозможи зголемено користење на европските платформи за проекти (како Funding & Tender Portal, PADOR, Cordis database, Crowdhelix, Research Professional, Horizon Results Booster), како и подобрување на пристапот кон мрежите, како што се: Европскиот институт за иновации и технологии, COST, Marie Skłodowska-Curie Actions, мрежата на национални контакт-лица – NCPs и сл.
Фокусот на обуките ќе биде на академскиот и административниот кадар. Веќе е направена анализа на потребите за водење проекти и обуки за управување со проекти, како и на системите и структурите на тековната проектна поддршка. Проектот треба да ги постигне бенефитите од синергијата со останатите универзитети во делот на пристап до финансиските можности и вмрежување, а тоа се: пристап, успех, капацитет и компетенции.
Какви мерки преземате за подобрување на условите за работа на професорите и истражувачите?
Се разбира дека подобрувањето на условите за работа на професорите и истражувачите се неопходен сегмент во обезбедување на квалитет на наставата и истражувањата. Мерките се насочени во капитални подобрувања и инвестиции во објектите и опремата, потоа во поддршка на издавачката дејност и во поддршка на млади истражувачи. Учествуваме во плаќање на членарини во повеќе европски асоцијации преку кои го олеснуваме пристапот до проекти, финансираме научноистражувачки проекти на единиците, како и други активности поврзани со наставата и истражувањата, ги поддржуваме во организација на меѓународни конференции итн.
Исто така, настојуваме да обезбедиме нови вработувања за административен и наставно-научен кадар, особено на испразнетите места, што е, секако, и еден од предизвиците на нашето секојдневие. И, секако, тука би ги спомнала и платите кои согласно со Колективниот договор на УКИМ и основачот, во почетокот на 2024 година, беа покачени.
Како УКИМ може да придонесе кон одржлив развој и решавање на општествените проблеми?
Еден од главните приоритети на УКИМ со својот заслужен национален статус на најдобар универзитет во државата е поддршка на критичкото мислење и зајакнување на улогата на академската и научната експертиза поврзани со актуелните општествени теми и наметнување на фундаменталните вредности, како заштита на националниот и културниот идентитет, толеранција и заштита на животната средина.
Со својот научен и стручен потенцијал, преку вклученост на неговите експерти во подготовка на државни документи од стратешко значење, УКИМ има можност да делува како коректор на политики, двигател на промени, иницијатор на нови идеи и проекти, како и креатор на јавното мислење. Преку учество во медиумите, јавните расправи, изнесување ставови на социјалните мрежи, иницирање и реализација на самостојни истражувања и проекти поддржани од државата и од меѓународни институции, УКИМ континуирано придонесува за општествениот развој.
Каква е Вашата визија за УКИМ во наредните 10 години и какви промени би сакале да видите во структурата и организацијата на Универзитетот?
Како најстара и најреномирана високообразовна и научноистражувачка институција во Република Македонија, УКИМ е и ќе остане целосно посветен на изградбата и јакнењето на општествениот, интелектуалниот, научниот, социоекономскиот, уметничкиот и културниот капацитет на земјата, како и на перманентното подобрување на меѓународната позиција и препознатливост на Универзитетот и земјата во светски рамки.
Универзитетот со децении го гради своето реноме во високото образование во Република Македонија и регионот, и сосема заслужено се смета за национален универзитетски бренд. Мојата визија за Универзитетот е тој да ја зацврсти својата лидерска позиција во високото образование во Република Македонија, но и во меѓународни размери, бидејќи УКИМ има капацитети, работи посветено, има интегритет и научно поткрепени ставови, како и плодна академска соработка со странски универзитети, што се надевам дека ќе ни обезбеди место и меѓу првите 1 000 најдобри универзитети во светот.
Колку стипендии овозможи УКИМ за академската 2024/2025 година?
За академската 2024/2025 година, УКИМ овозможи 240 стипендии, распоредени по 10 за секој факултет, за студенти запишани во прва година на прв циклус студии на факултетите.
На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се исплаќаат стипендии на студентите и од Фондацијата „Атанас Близнакоф“, САД, во висина од 250 долари во денарска противвредност. Врз основа на претходните отворени повици, стипендија продолжуваат да добиваат 134 стипендисти, од кои 76 со стекнато право во учебната 2022/2023 и 58 со стекнато право во учебната 2023/2024. За учебната 2024/25 година доделивме уште 40 стипендии за редовни студенти запишани на прв циклус студии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Секоја година, Универзитетот дава стипендии од својата Фондација „Константин Стојанов“ во висина од 12.000,00 денари месечно, на студенти од прв, втор и трет циклус студии на студиските програми по француски јазик и книжевност на Катедрата за романски јазици и книжевности и на Катедрата за преведување и толкување (со француски јазик како прв/втор јазик) на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Секоја учебна година се стипeндираат и најмалку по еден студент од секоја студиска програма и од секоја студиска година за кој родителското право го врши само еден родител, со плаќање на половина од износот на уписнината за прв циклус студии.
Можете ли да ги наведете сите активности кои им помогнале на студентите за унапредување на знаењето, вмрежување и прибирање на знаење, а се финансирани од страна на УКИМ?
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје минатата година обезбеди средства за комплетно да ги финансира, над 30 студентски проекти и активности, што опфаќаа учество на меѓународни натпревари, семинари, културни манифестации и спортски настани, преку кои студентите го промовираат својот потенцијал и ја претставија нашата земја на глобално ниво, проширувајќи ги своите хоризонти и стекнувајќи се со нови знаења и искуства. Тука би издвоила неколку проекти каде што студентите постигнаа огромен успех во меѓународна конкуренција, а УКИМ целосно ги покри трошоците за нивна реализација.
Најистакнатиот успех во тековната академска година го постигна тимот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, кој учествуваше на меѓународниот натпревар по меѓународно право „Phillip C. Jessup Moot Court“ во Вашингтон, САД. Тимот, составен од петмина студенти и двајца ментори, го оствари најдобриот пласман досега, постигнувајќи го 45-тото место во конкуренција од над 600 правни факултети од целиот свет кои учествуваа на натпреварот. Правниот факултет за првпат се пласираше во елиминациските рунди на овој престижен натпревар.
За одбележување е и Меѓународниот натпревар „RoboMac“, 2024, кој се одржа на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), кој привлече 61 студент од ФЕИТ, ФИНКИ и Машинскиот факултет. Студентите се натпреваруваа во пет категории, поврзани со роботика, електроника, автоматика и вештачка интелигенција. Дополнително, на „RoboMac“, 2024, учествуваа и средношколци преку паралелната програма „РобоМак Јуниор“, каде што 54 ученици од 26 средни училишта од Македонија се натпреваруваа во автономна мобилна роботика и паметна електроника.
Особено сме горди на тимот од 20 студенти, од Машинскиот факултет и од ФЕИТ, кои го претставуваа УКИМ на „Formula Student Alpe Adria“ во Велика Горица, Хрватска, каде што учествуваа 51 тим со над 1 000 студенти од најпрестижните универзитети во Европа. Тимот MES Racing, кој за првпат учествуваше на ваков натпревар, успеа да развие болид за само шест месеци; потоа, 18. Математичка олимпијада за студенти од Југоисточна Европа (SEEMOUS 2024), каде што учествуваа студенти од Природно-математичкиот факултет. Во оваа прилика ќе ги споменам и семинарот „Expert Evidence in Civil Procedure“ во Краков, Полска, и Меѓународната конференција за енергетска ефикасност СКЕЕОР 2023, но и многу други студентски активности и настани кои Универзитетот безрезервно финансиски ги поддржува.
Кои се новитетите кои ги планирате за 2025 година?
Фокусот во 2025 година ќе биде ставен на дигиталната трансформација на УКИМ, запишување на што поголем број странски студенти, довршување на спортската сала во општествено-хуманистичкиот кампус, иновирање на дел од студиските програми со поголема застапеност на практичната настава, воведување кратки студиски програми на прв циклус студии и воведување нови интердисциплинарни студиски програми од прв и втор циклус студии.
Која е Вашата порака до средношколците кои сакаат своето образование да го продолжат на УКИМ?
Студентите секогаш ќе бидат смислата на нашето постоење. Тие ни се на прво место. Работата со студентите, слушањето на нивните проблеми, приоритети и идеи е посебно важна задача и наша должност. Вклучувањето на студентите во сите активности на Универзитетот продолжува да биде наша определба и во иднина. Мисијата на Универзитетот е да обезбеди не само врвно образование и исклучителни знаења туку и највисоки компетенции и да ги подготви своите студенти за пазарот на трудот.
Мојата порака до сите средношколци е никогаш да не се штедат во стекнувањето нови знаења и вештини. Да бидат упорни – да учат, да бидат љубопитни и да истражуваат, затоа што само знаењето ќе ги одведе до оние нивоа што ги посакуваат. Знаењето е вредност која секогаш и секаде се цени, се вреднува и е предуслов за успех и просперитет. Би им порачала дека изборот што го прават денес можеби ќе ја обликува траекторијата на нивното утре. Светот е огромен и преполн со можности кои чекаат да бидат зграпчени. Но тоа бара храброст, одлучност и непоколеблива посветеност. Тоа бара флексибилност пред предизвиците, приспособливост на промените и неуморна потрага по извонредност.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е токму тоа место, место кое било и ќе остане средина каде што се негува извонредноста, се зацврстува и унапредува научната мисла и секогаш ќе биде отворен за сите оние кои сакаат да го продолжат своето образование, тука. На тој пат сме постојано до нашите студенти, насочени кон надминување на сите нивни дилеми и препреки и секогаш ќе бидеме водени од аспирациите на најмладите умови, со стремеж кон подигнување на квалитетот на наставата, на студентските сервиси и на севкупното работење на УКИМ.
Разговараше: Невена Поповска
фото: приватна архива