
Кинотеката на Македонија е национален филмски архив формирана со Закон во 1974 година како Кинотека на Македонија, и се занимава со прибирање, чување, заштита, обработка, истражување и презентирање филмови и филмски материјали од посебно уметничко, културно, научно, историско и друго значење, особено на националното филмско наследство. Покрај тоа, Кинотеката ги прибира и филмовите и филмските материјали кои се однесуваат за Македонија, а се снимени од странски филмски сниматели, како и филмови од светската продукција.

Кинотеката континуирано се грижи за развојот на филмската култура кај нас преку редовната кинотечна филмска програма во Скопје, но и со гостувања низ Републиката.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, при работната посета на НУ Кинотека на Македонија, потенцираше дека македонското аудиовизуелно наследство е многу значајно, но значајно е да се одржува и да има средства за тоа.

Во 2026 година, Кинотеката одбележува 50 години постоење. Директорот Бошко Грујоски информира дека имаат во план овој голем и значаен јубилеј да го одбележат со објавување на монографија, снимање документарен филм, поштенска марка, јубилејно издание на списанието „Кинопис“, како и низа други активности.
Со самото основање на Кинотеката на Македонија, во 1976 година започнува да работи и специјализирана стручна библиотека, единствена од овој вид во нашата земја, за разни публикации (книги, периодика, списанија и сл.) од областа на филмската историја, теорија и естетика. На почеток се набавени првите 450 наслови стручна филмска литература, воспоставена е и претплата на 26 стручни филмски светски списанија, а започнува и обработка на прес-клипинзи за македонскиот филм.

Денес во библиотеката можат да се користат 4.500 единични наслови на книги и филмска периодика, и најзначајните домашни и странски филмски списанија.
Освен овие наслови, на располагање на сите заинтересирани е и богатата хемеротека, со повеќе од 35.500 исечоци (прес клипинг) од дневниот и периодичниот печат, а во поново време и од интернет порталите. Фондот на библиотеката претставува исклучително културно и јавно добро, и тој е достапен не само на истражувачите, средношколците и студентите, новинарите и критичарите, туку и на пошироката културна публика која би сакала да ја збогати својата филмска култура и знаењето за филмот, вели Грујоски.
Подготвија:
новинар: Невена Поповска
фото/видео: Александар Ивановски
монтажа: Александар Арсовски