Skip to main content

300-та изведба на култната претставата „Црвенкапа“ на Театарот за деца и младинци денес ќе се одигра во Кочани

Театар за деца и младинци

Претставата „Црвенкапа“ на Театарот за деца и младинци – Скопје (ТДМ) денес гостува во Домот на култура „Бели мугри“ во Кочани, во организација на Europe House. Настанот, кој ќе се одржи со почеток во 13 часот, ќе биде одбележан со посебен јубилеј – 300-та изведба на оваа култна детска претстава.

Повеќе од две децении „Црвенкапа“ е една од најиграните и најпосетуваните продукции на ТДМ, омилена кај публиката од сите генерации. Режијата е на Димитар Христов, а автор на драматизацијата е Александар Поповиќ, кој во оваа верзија на класичната бајка воведува нов лик – Иванка, палавата пријателка на Црвенкапа, што внесува дополнителна доза хумор и динамика во приказната.

Претставата ја одбележуваат извонредните актерски изведби и современиот пристап што ја прави блиска на новите генерации гледачи. Ликот на Волкот, во интерпретација на Владимир Лазовски (алтернација Петар Стојанов), останува меѓу највпечатливите во детскиот репертоар на театарот, а Ана Левајковиќ Бошков во улогата на Црвенкапа со години ја воодушевува публиката со својата искреност и сценска енергија. Во претставата играат и актерите: Винета Дамческа, Катарина Илиевска-Силјановска, Марија Ѓорѓијовска и Драган Довлев.

Сцената ја оживуваат креативците кои стојат зад визуелниот и музичкиот идентитет на претставата – сценографијата на Живоин Трајановиќ, костимите на Лира Грабул, музиката на Љупчо Мирковски и кореографијата на Сања Шутевска создаваат свет полн со боја, ритам и емоција.

Со својата духовитост, топлина и препознатливи сценски ликови, „Црвенкапа“ и по повеќе од дваесет години од премиерата останува меѓу најпосакуваните наслови на сцената на Театарот за деца и младинци – претстава што ги поврзува генерациите и потсетува дека вистинските бајки никогаш не стареат.

Поврзани вести