
По девет месеци, Обвинителството ја заврши фазата на изведување докази во судскиот предмет „Пулс“, кој се однесува на трагичниот пожар во дискотеката во Кочани. Во овој период биле сослушани сведоци и презентирани материјални и вербални докази поврзани со случајот.
Еден од клучните докази во постапката е вештачењето на објектот, изготвено од седум експерти од Градежниот факултет, ангажирани по барање на Обвинителството.
Според наодите од вештачењето, во делот што се однесува на одговорноста на институциите, не е утврден пропуст или одговорност кај Министерството за економија. Експертите оцениле дека министерството немало законска надлежност за контрола и инспекција на конкретниот објект.
Се очекува вештачењето да има значајна улога во понатамошниот тек на процесот и во утврдувањето на евентуалната индивидуална и институционална одговорност.
По завршувањето на доказите на Обвинителството, во септември треба да започне фазата во која одбраната ќе ги презентира своите докази и аргументи.
Случајот „Пулс“ се однесува на пожарот што избувна на 16 март 2025 година во дискотеката во Кочани, при што Обвинителството спроведе обемна истрага за утврдување на одговорноста за трагедијата.
Обвинителниот акт опфаќа 35 физички и 3 правни лица, меѓу кои сопственици и одговорни лица на објектот, членови на обезбедувањето, инспектори, службени лица и поранешни градоначалници на Општина Кочани.
Предметот првично беше во надлежност на Основното јавно обвинителство во Кочани, но подоцна беше префрлен во Скопското обвинителство. Судењето започна на 19 ноември 2025 година, а обвинението го застапува тим од 15 обвинители.
Постапките против полициски службеници се водат одделно и не се дел од главниот предмет „Пулс“. За нив се оформени посебни постапки, откако првичната истрага беше издвоена.

Македонски


